Фондот за пензиско исплатил речиси 4 милиони евра на починати лица, изгубил докумнети за стаж на илјадници граѓани поради што е доведено под знак прашалник нивното право на пензија. Ова го открива ревизијата на работата на ПИОМ која била правена лани, а се однесува на 2018 година. Ревизорите поради „страшните“ наоди, дури се воздржуваат да дадат мислење за финансиските извештаи на Фондот. Тие откриле дека до денот на ревизијата имало 4.210 осигуреници кои имаат возраст за пензија, но им нема дел од стажот. Но велат трендот покажува дека бројките ќе растат. Директорот на ПИОМ, Шаип Зенељи, денеска беше недостапен за одговор.

  • За периодот од 1992 до 1996 година Фондот не располага со архивирани документи за доставените М пријави, со што е оневозможено потврдување на внесениот стаж и основицата за платен придонес. Од 2011година Фондот презел активности за дигитализација на ролни и складирање на документите во електронски медиуми преку електронски оператор. Од вкупно 2.549 микрофилмски ролни до сега се дигитализирани само 32 проценти и преостануваат уште 1.316 ролни со околу 7.100.000 документи“– утврдиле ревизорите.

Ревизорите констатираат дека осигурениците за кои нема податоци во матичната евиденција на Фондот, тешко можат да го докажат платениот стаж, бидејќи најчесто фирмите во кои работеле се ликвидирани и за нив не секогаш се наоѓаат документи дури и во Државниот архив.

Тие алармираат дека има некомплетност на електронските досиеја и постои ризик од губење на дел од документацијата во ПИОМ.

Исплатите пак на „фиктивните“ пензионери се поради ненавремена и некомплетно доставување на докуметите од другите институции. Ревизорите констатираат дека е забавена динамиката за поврат на 4-те милиони евра, кои ПИОМ ги исплатил на починати лица.

Извештајот покажува дека ПИОМ има побарувања за неплатен придонес од 210 милиони евра или 48 проценти од целата актива за кои ревизорите констатираат дека наплатата е неизвесна. Ревизорите констатирале и дека расте дупката во ПИОМ за што во 2018 година биле префрлени 478 милиони евра за да се исплатат пензиите.

 

Извор:  Телма