Граѓаните се шокирани од високите цени на пиперките, кои во маркетите достигнуваат цена и до 170 денари за килограм.
На зелените пазари, цените се нешто пониски, но и таму цените на пиперот се движат од 60 до 100 денари за килограм.
На пазарите веќе може да се најде и пипер за ајвар, кој се продава по 100 денари за килограм. Килограм од овие пиперки во просек чини 110 денари, а најскап е во Охрид, каде што се продава за дури 150 денари.
Претседателот на Сојузот на земјоделците од Струмица, Ристо Велков, за весникот Вечер вели дека цените се високи бидејќи нема доволно количини, а и климатските промени си го направиле своето.
– За десетина дена ќе почне бербата на ајварката, која оваа година ќе биде поскапа од лани. Причината за високите цени се намалените површини, климатските промени и немањето работна сила. Површините со ајварка годинава се намалени за 20 отсто, поради климатските промени, родот е проретчен, а мал дел од пиперот е оштетен од дождот и градот, вели Велков.
Тој додава дека во моментов цената на свежата консумна пиперка е 60 и 70 денари за килограм, а на ајварката 100 денари за килограм.
– Се надеваме дека ќе се откупи целата количина индустриска пиперка бидејќи количините се мали, додава Велков.
Граѓаните се шокирани од цените на зелените пазари и во маркетите и велат дека со овие цени на пиперките, кои се продаваат за над 100 денари за килограм, тешко дека ќе прават ајвар годинава. Велат дека во овој период, кога има најголема понуда на домашен зеленчук, цените се како во февруари, кога се увезува.