Следејќи ја потребата на државите од Западен Балкан за побрза економска интеграција и зголемување на безбедноста во регионот, членките на Европската Унија одобрија фонд за реформи и раст на регионот.
Станува збор за амбициозен потфат кој Европската Унија го планира за Балканот. Фонд од 6 милијарди евра се одвоени како дел од пакетот, од кои 2 милијарди евра неповратни средства, а 4 милијарди евра во облик на кредити. Новиот план се потпира на четири столба чии цели се: Економска интеграција со единствениот пазар на Европската Унија, јакнење на економската интеграција меѓу земјите на Западен Балкан, брзи реформи и финансиска помош за поддршка на реформите во овие земји во период од три години.
Но, не е така лесно да се дојде до европските пари. Планот предвидува одобрување на одредена сума средства за „западнобалканската шесторка“ на секои шест месеци, но по исполнување на одредени критериуми: владеење на правото, нормализирање на меѓу-соседските односи, институционални реформи, почитување на правото на демократијата и пред сè гаранција дека средствата нема да бидат злоупотребени. Секоја земја, вклучително и Македонија ќе треба да подготви план за реформи согласно препораките на Европската Комисија која, на крај одлучува дали и колку средства ќе добие земјата – апликант.
Целта е да се потпомогнат реформите во овие земји пред формалното членство во Европската Унија.