Министерството за образование и наука (МОН) и Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) на денешната средба се договорија за покачување на платите на просветните работници за 10%, почнувајќи од 1 јануари 2020 година.
„Со оваа одлука веруваме дека ќе се врати дигнитетот кај наставничката професија и ќе се создаде сатисфакција кај сите вработени во дејноста образование“, изјави министерот Арбер Адеми по средбата.
Покачувањето е договорено да важи за сите вработени во дејноста образование, во основно, средно и високо образование. Според изјавата на министерот, поместувањето на покачувањето три месеци порано од предвиденото, односно наместо во април тоа да започне во јануари, ќе го чини буџетот дополнителни 1,4 милијарди денари.
„Во следниот период и понатаму ќе работиме на подобрување на социјалниот и материјалниот статус на сите вработени во дејноста образование“, додаде министерот Адеми.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков изјави дека се задоволни со одлуката, но и дека таа е само почеток на нови рунди преговори за подобрување на условите на вработените во дејноста образование.
„На денешниот разговор беа отворени и дополнителни прашања кои беа доставени во нашето барање до МОН. Беа отворени прашања околу проблеми поврзани со годишните одмори на работниците, враќање на реалните трошоци кои тие ги имаат и реално вреднување на работата во комбинирани паралелки и исплаќање на одржани дополнителни часови“, објасни Неделков.
Тој додаде дека СОНК ќе продолжи да се бори за поголеми права и подобри услови за работа на просветните работници.
МОН и СОНК изминативе неколку месеци одржаа неколку состаноци, на кои се преговараше за зголемување на платите во образованието. Откако не беше постигнат договор, синдикатот најави протестен штрајк за 11 ноември. Сепак, штрајкот беше ставен во мирување во очи денешната средба помеѓу претставници на синдикатот и министерството на која беше постигната конечната одлука.