По Скопје, кој секако е рекорден по скапотија, Охрид е веднаш зад него. Квадратот покрај езеро само добива на цена. Според она што се нуди од агенциите за недвижности, цените на становите во Охрид се движат од 900 евра во градба до 2.200 евра за квадратен метар, во зависност од локацијата, објави весникот Вечер. Оние што се во првата линија, со поглед кон езерото, достигнуваат и до 3.000 евра за квадрат. Од агенциите за недвижности велат дека и покрај високите цени, има голем интерес за купување станови во Охрид, особено од скопјани. Речиси половина Скопје има станови во Охрид.
– Цените на становите се движат од 1.000 до 2.200 евра за квадратен метар, зависно од локацијата. Оние што се во првата линија, со поглед кон езерото, достигнуваат и до 3.000 евра за квадрат, но такви нема. Најчесто по овие цени се продаваат оние што се втората и во третата линија до езерото. На новите локации почнуваат со 900 евра, а потоа, во зависност од фазата на градба, им се зголемува цената. Нема слободни локации за градба покрај езерото, претежно се угостителски објекти – вели за весникот ВЕЧЕР Злате Ристески, сопственик на агенција за недвижности во Охрид.
Тој вели дека има голем интерес за купување станови, особено од скопјани, но купуваат и од другите градови од државата, поради близината и поради езерото. Охрид отсекогаш бил атрактивен, но интересот за купување станови особено порасна по короната, кога сите видоа дека дома си е дома. Во Охрид можеш да отидеш на викенд кога сакаш, без да ти треба вакцинален сертификат или пасош со Северна Македонија.
И градежниот експерт Никола Велковски вели дека има голема побарувачка за станови во Охрид, што е и причина за високата цена на квадратот.
– Сè додека има голема побарувачка, и цените на становите ќе растат. Последниве години особено се зголеми интересот за купување станови во Охрид, што придонесе за драстичен скок на цената на квадратот. Интересно е што охриѓани не купуваат станови во Охрид, туку скопјани – вели Велковски за весникот ВЕЧЕР.
И статистиката покажува дека најмногу се гради во Охрид. Во ноември лани, биле издадени градежни дозволи и била предвидена изградба на 140 стана, со вкупна корисна површина од 11.800 квадратни метри. Ова е најголем број станови што ќе се градат во еден град во Македонија, пред Битола (131) и Струмица (129).
Една од причините е порастот на туристичката понуда и на побарувачката во овој град, кој е под заштита на УНЕСКО и привлекува посетители од целиот свет. Според статистичките податоци, во 2022 година, во Охрид имало 1.072.000 ноќевања, што е зголемување од 12,5 отсто во однос на 2021 година. Ова значи дека има потреба од повеќе сместувачки капацитети како хотели, апартмани и станови.