По 3 денари за килограм предадена пченица и јачмен, како и по 35 денари по килограм произведен домат, односно 30 денари за краставица е предвидено да добијат финансиска поддршка од државата производителите на овие култури. Владата на последната седница ја донесе Програмата за дополнување на Програмата за спроведување на интервентен фонд за земјоделството за 2023 година во која се додадени овие три нови подмерки.
Поточно, Програмата предвидува финансиска поддршка од 3 денари по килограм за остварено и продадено или складирано производство на пченица; финансиска поддршка за произведен домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен од 3 денари по килограм – за произведени пченица или јачмен од прва и втора генерација за реколта 2023 година.
– Исто така, и финансиска поддршка за продадени количини на домат и краставица произведени под контролирани услови – од 35 денари по килограм домат што е произведен и продаден во периодот од 5 април до 31 мај 2023 година и 30 денари по килограм за краставица којашто е произведена и продадена во периодот од 5 април до 15 мај 2023 година – соопшти владината прес-служба.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, смета дека целта на овие мерки е да им се помогне на земјоделците.
– Корисници се земјоделските стопанства кои имаат поднесено барање за подмерката директни плаќања по обработлива земјоделска површина за сите поледелски култури и кои имаат засеани и ожнеани површини со пченица, а оствареното производство го имаат продадено или складирано пченица кај регистриран откупувач или за потребите на сопствениот преработувачки капацитет во период од 15 јуни до 31 август 2023 година, а се запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи. Максималната прифатлива количина на пченица е 5.000 килограми по пријавен хектар – информира Николовски.
Корисници на финансиска поддршка од три денари по килограм за произведен домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен се земјоделски стопанства кои имаат поднесено барање за директни плаќања за произведен и продаден домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација за житни, фуражни, индустриски и градинарски култури и кои се запишани во Регистарот на снабдувачи на семенски материјал, кои имаат произведен семенски материјал во 2023 година согласно Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија и имаат добиено сертификат за конечно сертифицирано семе од прва и втора генерација на пченица и јачмен.
– Кај оваа интервентна мерка прифатлива количина за сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен, се количините наведени во сертификат за конечно сертифицирано семе од реколта 2023 година – рече министерот и потсети дека претходно беше донесена одлука за дополнителни 12.000 денари поддршка за јачменот за принос над три тони.
Корисници на поддршката за продадени количини домат и краставица произведени под контролирани услови се производители на домат и краставици во контролирани услови и кои имаат поднесено барање за дополнителни директни плаќања.