Бидејќи Русија со денови и доставува помали количини гас на Австрија, канцеларот Карл Нехамер одржа кризен состанок со членовите на неговата влада и експерти, на кој беше одлучено повторно да се активира старата електрана на јаглен Мелах.

Електраната Мелах беше затворена во пролетта 2020 година по 34 години работа. Според одлуката од состанокот, на кој присуствуваа и министерот за економија Мартин Кочер и енергетиката Леоноре Гевеслер, капацитетот повторно ќе се активира во случај на прекин на испораката на гас од Русија.

Електраната Мелах, која се наоѓа јужно од Грац, е последната електрана на јаглен во Австрија. Нејзиното реактивирање, како што беше посочено, ќе трае неколку месеци.

Австриската влада претходно одлучи складиштето за гас да биде исполнето 80 отсто пред почетокот на грејната сезона, која трае од октомври до март. Сегашната пополнетост на складиштето за гас е само 40,9 отсто, а се зголемува и покрај намалените испораки, бидејќи е намалена потрошувачката на гас.

Термоелектраните на лигнит кои стојат како резервна опција би можеле во релативно брзо време да се рестартираат и во Германија, изјави вчера Керстин Андре, претседател на Извршниот одбор на Асоцијацијата за енергетски и водни индустрии (БДЕВ), во понеделникот за утринскиот магазин на АРД.  Тврдиот јаглен е исто така можна опција, но тој треба да се увезува и складира.

Втората мерка на германската влада е исто така да се зголемат залихите на гас во складиштата.