Една од 10-те откупни компании ја зголеми цената на тутунот на 400 денари. Тутунарите очекуваат и другите откупувачи да го следат примерот…
Една од 10-те откупни компании во земјава веќе потврди – од 375 ја зголеми првата класа тутун на 400 денари. Бидејќи тутунот се купува по прва класа, според Сојузот, ова е зголемување на цената на кое сметаат тутунарите. Очекуваат другите фирми да го следат примерот.
Според Сојузот ова е резултат на почнатите разговори со откупувачите, а со поддршка на Министерството за земјоделство. На тутунарите најбитно им е да стигне повисока цена.
Од Прилепскиот комбинат, велат дека веќе размислуваат за повисока цена. Ги чекаат мислењата на Министерството за земјоделство и на банките.
Досега во земјава се откупени преку 3.700 тони тутун по просечна цена од речиси 375 денари. Реколтата се проценува на 17.000 тони.