Oд Сојузот на пензионери не откриваат колку побарале да пораснат пензиите, ниту со колку би биле задоволни. Од владата пак не кажуваат колку би било покачувањето. Анализите се уште биле во тек. По завршувањето на првата средба, единствено што обелоденија во јавноста, е тоа дека двете страни биле согласни дека пензиите треба да растат, а моделот на пресметка да се промени. Освен трошоците за живот во формулата треба да влезе и растот на платите. Првата средба пензионерите ја оценија како успешна.
Од Владата велат дека во следниот период ќе ги анализираат барањата. И тие имале свој предлог, но вицепремиерот Битиќи не го откри, само посочи дека пензискиот систем е стабилен, може да издржи раст на пензиите, а плус пари од буџетот нема да бидат потребни.
На средбата во Владата присуствуваа и од партијата на пензионери, која е дел од коалиција на СДСМ. Од таму посочија дека би биле задоволни и со 3, 5 но и 8 проценти раст на пензиите.
Опозицијата веќе поднесе предлог пензиите да се покачат за 20 отсто кој е влезен во собраниска процедура.
Во моментов усогласувањето на пензиите се прави два пати во годината, според трошоците на живот. Со последното покачување овие примања пораснаа за 2,9 проценти. Во земјава има 328 илјади пензионери.
Нова средба меѓу пензионерите и владата, се очекува да има на почетокот на март.