Почна поставувањето на цевките од топловодот од РЕК „Битола“ до Битола. Од АД ЕСМ соопштија дека со засилен интензитет се подготвува трасата низ која ќе поминува топловодот кој ќе обезбеди парно греење за Битола, Новаци и Могила – трите општини во близина на РЕК Битола.
Првите цевки се поставени на излезот од РЕК Битола кон Новаци, и тие треба да ја прифаќаат топлинската енергија која се создава како нуспроизвод во текот на производството на електрична енергија и да ја спроведуваат во системот за парно греење на трите општини. Изведувачите имаат трасирано повеќе од два километра од топловодот, обезбедувајќи работен простор за машините кои ги транспортираат и поставуваат цевките.
Почетокот на проектот Топлификација на Битола, Новаци и Могила беше означен во декември минатата година. Проектот е во вредност од 46 милиони евра, од кои 39 милиони се кредит од германската KfW банка, а 7 милиони се средства на АД ЕСМ. Рокот за изведба на проектот е две години. Согласно планот, на почетокот на топлификацијата ќе се приклучат 35 општински и државни институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила.
„Еколошките придобивки од Топлификацијата се исклучително значајни. Со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите, така и во домовите. На тој начин, создаваме долгорочно и одржливо решение за намалување на загадувањето во Битола и околината.Топловодот дополнително ќе даде можност и за загревање на земјоделски оранжерии“, соопштија од РЕК „Битола“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА