Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска почнува расправата за Предлог-буџетот за 2025 година. Седницата, според веб страницата на Собранието, треба да почне во 11 часот.
Владата го усвои Предлог-буџетот на 29 октомври и во него економскиот раст е проектиран на ниво од 3,7 проеценти, буџетскиот дефицит на четири проценти од БДП, а инфлацијата на 2,2 проценти.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 358,838 милијарди денари или за 13 проценти повеќе, а порастот се темели на поефикасната наплата и борбата со неформалната економија. Вкупните расходи се на ниво од 400,2 милијарди денари или за 10 проценти повеќе во однос на годинава, а дефицитот е на ниво од 41,350 милијарди денари и номинално е понизок за 3,3 милијарди денари.
Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, со Предлог-буџетот се поставени темелите за стабилизација на јавните финансии и економскиот раст. Тој содржи политики и мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење, како и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст.