Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да го почне разгледувањето на Предлог-буџетот за 2024 година.
Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Владата го карактеризира како развоен и одржлив Буџет кој ги има сите карактеристики за истовремено да го поддржи развојот, но и да ја обезбеди фискалната одржливост. Со него, според Владата, се гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош, како и подмирување на другите потреби на граѓаните и сервисирање на обврските на државата.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, во Предлог-буџетот планирани се пари за повисоки пензии и плати во јавниот сектор, со исклучок на функционерските плати.
Расходната страна е проектирана на 343,6 милјарди денари или за 5,8% повисока во однос на 2023 година, а приходите на 310,1 милјарда денари и се повисоки за 10 проценти. Буџетскиот дефицит е за околу 9,2 милјарди денари понизок во однос на 2023 година. Се очекува растот на економијата да биде 3,4%,а стапката на инфлација е проектирана на 3,6%.
Според опозицијата, Предлог-буџетот е напумпан и не носи развој, туку криминал и корупција. Велат дека власта од 2018 година до денес потрошила 25 милијарди евра низ буџети, но не неправилна ништо ново.