Сублимирани се податоците за блокирани сметки и депоненти за минатата 2017 година. На крајот од декември, лани под блокада биле 110 700 граѓани и правни лица. Во споредба со декември, 2016 година, кога блокирани биле вкупно 117 602, на годишно ниво регистриран е пад на бројот на блокирани депоненти за 6 902. Податоците покажуваат дека намалување има кај бројот на блокирани граѓани и фирми, конкретно во последниот месец од годината имало 80 462 блокирани граѓани и 30 265 блокирани фирми. На месечно ниво, во споредба со ноември има пораст на бројот на блокирани граѓани и фирми.
Во анализираниот период, најновите податоци покажуваат дека имало 233 931 блокирани жиро сметки, од нив 188 500 сметки на граѓани и 45 431 блокирани сметки на правни лица.
Статистиката за состојбата со трансакциските сметки, е врз основа на постоечки и отворени сметки, како и за блокирани депоненти и сметки по извршни и конечни решенија за наплата на доспеани обврски.
Се зголемува бројот на сметки на граѓани, се намалува на фирми !
Судејќи според најновите, сублимирани податоци за состојбата со трансакциските сметки и бројот на депоненти во банките, на крајот од декември, 2017 година, во земјава 1 751 857 граѓани и фирми поседувале трансакциски сметки во банките и во однос на состојбата во јануари, истата година, тој број е зголемен за 25 442 новоотворени сметки.
Пораст на бројот на отворени сметки на депоненти има и на месечно ниво, во споредба со ноември . Од вкупниот број на депоненти, 1 635 544 се физички лица а 161 313 се правни лица. Податоците покажуваат дека во декември во однос на јануари има намалување на бројот на фирми што поседуваат трансакциски сметки во банките, за 2 434 .
Во земјава во оптег се вкупно 1 849 282 картички со функција на повлекување, односно депонирање на готовина, а доминатен бренд е Виза со 1 091 409 картички, Мастеркард со 681 368 картички а останатите 76 512 отпаѓаат на другите видови брендови.
Извор: Фактор