Новиот закон за виното е подготвен и е во постапка за негово донесување. Меѓу новините, за прв пат ќе се дефинира производствената цена на винското грозје, а откупната ќе треба да биде 25 проценти повисока.

Во новиот закон за вино за првпат ќе се дефинирана производствената цена на винското грозје. Постапката ќе биде со методологија што ќе ја утврдува Министерството и на база на јавен повик со високонаучна установа ќе се пресметуваат трошоците за производство на грозје и трошоците за производство на вино.

Законот ќе бара 25 проценти повисока откупна цена од реалната производствена цена на грозјето. Се воведуваат инструменти со кои поединечно на сите откупувачи ќе им се проверува целата документација за приходи и расходи и доколку имаат приходи кои се за 25 проценти поголеми од добиените за извозот или за продажбата во однос на откупните цени, трговците ќе мора и на лозарите да им понудат исто толку повеќе пари за откуп. Проценката ќе треба да се прави за двете најзастапени сорти – смедеревката и вранецот.

Сите откупувачи и трговци за кои ќе се потврди дека после бербата и продажбата на виното оствариле повеќе од 25 проценти добивка од платеното, а на лозарите не им ги обезбедиле минималните цени плус толкав зголемен процент, нема да можат да ги користат финансиските инструменти на државата, односно програмите за финансиска поддршка за рурален развој и другите мерки.

Винарството има континуиран раст на извозот во последните пет години, а годинава се достигнати рекордни над 60 милиони евра девизен приход.