Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната средба со директорката на Регионалната канцеларија на УНДП во Истанбул Стелиана Недера и постојаниот претставник на оваа организација во нашата земја Армен Григоријан разговараа за заедничките активности кои Владата ги спроведува во соработката со УНДП, на различни проекти.
На средбата стана збор за Националната развојна стратегија, за што вицепремиерот Битиќи информираше дека веќе е подготвена нацрт-верзија на Законот за НРС, која ќе се финализира до крајот на ноември, по што се очекува да се усвои и од Собранието.
– На денешниот состанокот стана збор и за Инструментот за зелено финансирање, за кој Северна Македонија беше избрана меѓу десет најдобри земји за финансискиот инструмент во светот, и за што ќе добие средства од Заедничкиот фонд за целите за одржлив развој. Во оваа прилика вицепремиерот Битиќи и директорката на Регионалната канцеларија на УНДП во Истанбул, Стелиана Недера се осврнаа на техничките детали од проектот кој успешно беше промовиран на 3 ноември 2023 година, информираат од прес-службата на Владата.
Оттаму, истакнуваат дека заедничка констатација на соговорниците била оти финансиската поддршка од оваа програма ќе обезбеди пристап до поевтино финансирање за мали и средни претпријатија, како и за физички лица и домаќинства за инвестиции во обновливи извори на енергија и во решенија за енергетска ефикасност.