Тројца доверители доставиле барање до штипскиот Основен суд за покренување на стечајна постапка на градежната компанија „Бетон“ од Штип. Судијата и портпарол на Основниот суд во Штип, Јулијана Неткова вели дека на 13 јуни е закажана претходна постапка, односно рочиште на кое ќе се изнесуваат докази и извешати, а по изнесените докази ќе се одлучи за предлогот доставен од доверителите.
Во моментов привремен стечаен управник истражува дали оваа компанија треба да замине или не во стечај. На 13 јуни во штипскиот Основен суд ќе се отвори предметот и тогаш ќе се знаат доверителите, нивните побарувања, но и ќе се знае со колкав имот располага оваа компанија и колкави се долговите, но и нејзините побарувања.
Штипски „Бетон“ беше најголемиот градежен изведувач во проектот Скопје 2014, а името на оваа компанија беше споменувано и во бомбите, односно прислушуваните разговори. Проблемите во компанијата се гледаа во текот на минатата година при изградбата на новата болница во Штип. „Бетон“ во овој случај беше подизведувач на грчката компанија „Интеркат“, што лани го раскина договорот, а вработените кои работеа на објектот од „Бетон“ преминаа во оваа компанија, која од Министерството за здравство доби уште една година за изградба на објектот. Според новиот план болницата треба да биде готова во 2020 година.