Комора на трговски друштва за геодетски работи и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, потпишаa Mеморандум за соработка со цел позиционирање и унапредување на улогата на инженерската професија за постигнување на поширок општествен напредок. Со документот се утврдуваат начелата за взаемни активности во различни области на соработката. Меморандумот за соработка го потпишаа Кристинка Радевски, Претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери и Никола Рибароски, Претседател на Комората на трговски друштва за геодетски работи.

Радевски истакна дека цврстото позиционирање на инженерот во нашето општеството и неговата улога како рамноправен и релевантен чинител во меѓународниот инженерски свет е можно само преку широка и отворена соработка со сите сродни и релeвантни ентитети кои ги делат истите вредности и заложби.

„Имајќи го предвид значењето на геодезијата во секојдневието во врска со градбата и управувањето на недвижностите, неминовно е да се каже дека со геодетските работи започнува и завршува секоја градба. Ние сите заедно сме дел од едно цело и само со заеднички сили можеме да го прогресираме инженерството – област која што како ни една друга е одговорна да обезбеди здрава животна средина, растечка економија и подобра иднина за нашите млади генерации. Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи е субјект која во рамки на своето работење регулира значителна област од градежната индустрија. Задоволство е што досегашната наша комуникација ја подигнавме до ова ниво. Очекувам дека Меморандумот за соработка потпишан денес меѓу двете институции, е само мотив повеќе за обединување и синхронизирано дејствување на патот на нашите заеднички заложби за справување со сите инженерски предизвици“, истакна Радевски.

„На овој начин ја потврдуваме нашата заложба како Комора за воспоставување конкретни соработки со сите релевантни домашни и меѓународни институции преку кои всушност ги јакнеме нашите капацитети се со цел надминување на предизвиците со кои се соочува целокупната геодетска професија во овој специфичен период. Посебно сакам да истакнам дека со потпишување на овој меморандум со Комората на овластени архитекти и овластени инженери, предвидена е соработка, размена на искуства и взаемна поддршка во неколку сегменти кои ги се однесуваат на делови од Законот за градење, Законот за Катастар на недвижности, како и законот за Геодетска дејност, кој допрва треба да биде усогласен со останатите закони и донесен за прв пат во историја на нашата држава. Секако овој Меморандум предвидува соработка и во деловите на подзаконските акти како правилници, тарифници и сл. во кои членките на двете комори имаат заеднички допирни точки,а преку кои се очекува да бидат надминати одредени проблеми во секојдневното работење“, истакна Рибароски.