Уредбата за наградување што ја донесе Владата се однесува само на вработените во министерствата, Владата и нејзината Служба за општи и заеднички работи, во секретаријатите за европски прашања и за законодавство и во Државниот завод за ревизија. Синдикатот на УПОЗ најавува можност Уредбата донесена ден пред распишување на локалните избори да ја даде на Уставен суд, зашто според Уставот правата од работен однос може да се уредуваат само со закон и колективен договор

Вработените во јавната администрација очекуваат наредниот месец да добијат поголеми плати. Но, кои ќе бидат среќниците на чии сметки ќе легнат до 30 проценти повеќе пари од тие што обично ги земаат, не се знае, зашто Владата предизборно одлучи да ги билда платите само на дел од нив и тоа според оценката на претпоставениот или работодавецот во институцијата.

Интересно е тоа што наградувањето Владата не го уредува со закон, туку со посебна Уредба за чие носење воопшто не информираше, а веќе е објавена во „Службен весник“ и тоа на 5-ти овој месец, само ден пред распишување на локалните избори.

Симптоматично е и тоа што Уредбата не се однесува на сите јавни административци, туку само на вработените во централната власт, односно во министерствата, Владата и нејзината Служба за општи и заеднички работи, во секретаријатите за европски прашања и за законодавство и во Државниот завод за ревизија. Освен ова, во секоја од тие институции можат да бидат наградени најмногу 30 проценти од вработените.

-Извршување на посеопфатни работи и работни задачи во однос на работите и задачите кои вообичаено се извршуваат; постојана достапност на вработениот на раководното лице на буџетскиот корисник или на непосредно претпоставениот раководен административен службеник; извршување на работни задачи во скратени рокови и постоење на потреба од итно постапување; извршување на работи и работни задачи поврзани со класифицирани информации;  подготовка на стратешки документи, анализи и извештаи од сложен карактер од надлежност на буџетскиот корисник, поврзани со спроведувањето на владините политики, гласи членот на Уредбата со кој се одредуваат причините поради кои може да се зголеми платата.

Претседателката на Комисијата за спречување на корупцијата Билјана Ивановска, меѓу другото, во Уредбата гледа елементи за поткуп на гласачкото тело. Негодува и Синдикатот на јавната администрација -УПОЗ, кој најавува можност Уредбата да ја даде на уставен суд.

Ивановска ја оправдува потребата за носење на ваква Уредба бидејќи е обврска која влече корени од Законот за извршувањена буџетот, но вели дека тоа што е донесена непосредно пред почетокот на изборниот процес може да се смета како суптилно влијание врз гласачкото тело.

-Ако имаме предвид кои институции имаат право да бидат корисници, а тоа се сите министерства, тоа може да се толкува и како системски поткуп на јавната администрација, вели таа за весникот ВЕЧЕР.

Дополнува дека во отсуство на системски закон за платитена буџетските корисници се користат разни начини на нивно зголемување кои содржат елементи на дискреционо право на одлучување на раководното тело.

-Ова ни беше најавено на средбите, но не ни го дадоа текстот да го разгледаме. Како социјален партнер задолжително требаше да бидеме информирани и да ни се побара мислење за новиот начин на наградување. Ваквиот начин на наградување е селективен и не ги опфаќа сите институции од државната управа. Затоа мислиме дека ова требаше да се реши со измени на Законот за административни службеници и да се доуреди со колчективен договор, а не одлуката кој ќе биде награден да се остава на волјата на работодавецот. Се сомневаме и дека Уредбата е неуставна и откако детално ќе ја разгледаме можно е да ја дадеме на Уставен суд, изјави за весникот ВЕЧЕР, претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Како спорно го посочува и тоа што изборот на работниците чии плати ќе се зголемат го прави раководителот на институцијата, поради што постојат сомнежи наградувањето да е по партиска линија.

Грујовски е категоричен дека на ваков начин не треба да се постапува со администрацијата, зашто и покрај тоа што некои мислат дека работи лошо, без неа не се може.

-Колку вреди администрацијата би се видело ако на само еден ден престанат со работа царината, катастарот, другите институции. Тогаш целата држава би била блокирана, алармира тој.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ носењето на Уредбата го оцени како предизборен поткуп од партијата на власт.