Дојде Пол Кругман во антикава…
Овој економист особено го почитувам, покрај придонесот во бихејвиористичката економија, уште повеќе за неговите јасни, конкретни и експлицитни анти-крипто ставови за децентрализираните валути. Тој беше еден од првите големи економисти кои јасно ја истакнаа шпекулативната страна на криптовалутите, американската лековерност и лакомост, и на крај го обзнани „крајот“ на криптото како шпекулативен инструмент.
Но, тоа не ми е целта на текстот. Она што ми остави впечаток во неговиот говор, е се осврна на инфраструктурата. Го имаат шетано нашиве до Охрид, поминал низ легендарново џаде Охрид-Кичево, кое трае подолго од еден глобален економски циклус, и сигурно овој нобеловец се има прашано: Па каде јас дојдов? Што да им кажам на овие неандерталци? Како да разговараме се крипто, децентрализација монетарна, планирана инфлација или непланирна монетарна ескалација, или Западното пљачкање на Источните ресурси со печатени хартии ( на кое за среќа му се гледа крајот ), кога овие антики немаат саглам џаде до единствениот град вреден за посетување?
Само, пред да тргни за Охрид, се надевам, го прошетале Кругмана и до Скопскиот аквадукт. Изграден пред илјадници години од страна на моите предци, сега некое античко говедо гради картинг стаза на него. Па потоа излегува друго античко говедо од Агенцијата за заштита на културното наследство, го констатира случајот и кажа дека требале средства за физички да се обезбедува местото. Замисли, аквадукт, изграден од титаните и колосите да донесат вода кај племе кое денес не може шахта да изнивелира, се сквернави со картинг стаза. Таму да го прошетавте Кругмана – Будалиот….
Наваму, накај Охрид, пред легендарниов автопат, сигурно во Тетово ја виде Кругман „атомскана“ печурка на 1,5 километри над градот. Градот е од вчера поплавен, а од денес има некој таков чад, што последиците допрва ќе ги чувствува. Не го носете накај Тетово ќе се уплаши човеков… Ќе мисли дека е во Руанда или Свазиленд… Или Украина ќе му се направи филм….
После полошкава еколошка заштитена зона, ќе стапне Кругман – Будалиот и на автопатот за во Гинис. Автопат од 55 километри кој се гради 10 години. Автопат од 55 километри кој чини 600 милиони евра. Платен по германски, изведен на кинески, ама пак го немат на терен македонски… Вин-Вин комбинација од маѓарската побегуља и „жутите“.
Е, сега ако се пробие Кругман – Будалиот , до „Балканскиов Ерусалим“ , да биде спремен за непроодни улици, ѓубре ала Албанија пред 10 години, воздух а ла Делхи на зима и сексипил низ воздухот еротика ди Бангладеш… И ако побара некаде да се буни Кругман – Будалиот, да знае дека и покрај 2-3.000 јавен сектор во Ерусалимов, нема никој кој да го сослуша, а градскиот татко е доедукација во САД веќе две недели… Го брусат таму, како необработен драгуљ, за после тоа да изгледа како дијамант во козји газ…
Затоа почитуван Нобеловецу Кругман…. Те ословувам со Будалиот, бидејќи само будала човек од твој калибар би дошол во ваква наказа од држава и творевина…
Немој бре Кругмане – Будалата да си ја паѓаш лигата, нивото и стилот… Што и со кого овде ќе разговараш? Кои селски маријачи ги правиш играчи? Овие што градат картинг стаза на римски аквадукт? Што не можат 55 километри автопат да завршат за 600 милиони евра 10 години? Што успеаа Охрид целосно да го уништат? Што го претворија Југословенско Скопје во сељачка Бугарска скупштина? Што Тетово е нападнато и од вода и од воздух и никој ништо ни може, ни знае, ни сака да превземе?
Затоа ти се чудам на умот, со кој памет овде си доаѓал? За кого? Со кого?
Наум Димитровски