Додека бев помлад и помалку згоден ( сега сум повеќе згоден ), за време на еден престој во Шведска, во еден супермаркет, прв пат во животот, видов карпуз пресечен на пола и завиткан во целофан. Додуша имаше и помали „деланки“ од карпузи, сите завиткани со целофан, и како такви се продаваа. Морам да признам дека се изненадив, немав видено ништо такво… Тука, кај нас, во тоа време имаше карпузи „по гла да се маваш“, непредгледни колони од добро исончани струмичани и кукушани, со колички и камиони, и карпузот се продаваше на кило по 3-5 денари. Смешно беше, ги фрлавме ако не беше добро оладен во постот со ладна охридска жива вода. Карпузот, незаслижено, кај нас имаше тоа време потценет статус и цена.

И, ја прашувам таму фината и културна шведска продавачка на англиски, зошто карпузите се вака пакувани, и дофрлам со доза на хумор, да не Ви се скапи па не ги купуваат, и таа културно, и помалку тажно ми одговара, за жал, вели, не можат нашите луѓе ( швеѓаните ) цел карпуз да изедат… Живеат најчесто сами и доволно им е само една „деланка“. Се поткасав, и ништо повеќе не реков…

Пред некое време, поминувам кај охридскиот пазар, кога гледам ист ваков шведски „изум“, сите купуваат само по половина карпуз. Се потсетив на случката со шведскиот карпуз, и на нашиов продавач му викам, низ смеа, што е со „деланкиве“ во целофан, да не нема со кого да јадат дома нашиве. Овој па, во класичен античко-македонски стил, со одговорот го изби целиот хумор од шегата и низ заби процеди: Не бе господине, имаат нашиве со кого да јадат, но не можат да платат 35 денари за кило капруз, затоа вака ги делкаме“….

Се згранив, не знаев што да му одговорам, не знаев ни која цена е карпузот искрено, но моментот кога сватив дека македончето не може да одвои 35 денари за кило карпуз, ми дојде некако скроз поразително.

За да бидат тупајнците уште пожестоки, една стара баба, продавачка на пиперки и останато зајре, на охридскиот пазар, го слушна разговорот, и одтаму дофрли, скоро со восклик и мерак во гласот: „Ова година немат да имат ни ајвар… Не купвет нашиве пиперки по 100 денари… Ајвар нема да се прајт, ке се купвит од КАМ или Стокомак од тој индустрискиот“…. Бабево ме дотепа.. Не знаев што да речам… Не сум некој „домаќин“ кој шета по пазари, не ги знам најдобро цениве, и ова, морам да признам дека ми дојде како шок…

Изнервиран и разочаран, побрзав да излезам од охридскиот затворен пазар.

Надвор, на регуларните места за пијандури и џанаци, собрани беа неколку „големи“ Македонци, видно подракијани, нешто урлаа за нашата ГОЛЕМОСТ, АНТИЧНОСТ и ПОСЕБНОСТ…

Не знаев што да кажам.. Овој народ, веќе не може да си дозволи културен цел карпуз, па дома, како порано, да се олади и домаќинката да го пресече.

Овој пиперкарски народ, не може да си дозволи ајвар и пиперки… ејјјј ние.. ајвар дивјациве, не можеме пиперки да си дозволиме.. .

Овој народ, традиционално најофчарски народ од белата раса, не може да си дозволи ни кило сирење или кашкавал…

Не знам што да кажам…

Како дојдовме до овде? Сами се донесовме.. Пред се македонците, а ги зедоа на душа и сите останати…

Но знам сега што можеме да си дозволиме:

  • Една лута пиперка, зелена, 20 денари парче, и да се начука длабоко во газот!

За толку може да си дозволи овој народ, нека го проба рецептов, можда од лутина ќе му излезат овие умишљотини за неговата посебност, античност, селска итроштина, непотизам, неработа и сите „одлични“ карактеристики негови. Особено неговата „работливост“.

Од најовчарски и најпиперкарски народ, овој мрзлив народ се престори во филозофски народ, се дрвени адвокати и мислители…

Затоа народе, една лута пиперка, и у шупарнику, и мудрувај, додека нивите седат со трње обраснати…

 

Наум Димитровски