Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, во Владата одржа прес-конференција на која информираше за јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании. Тој, објаснувајќи ги резултатите од јавниот повик, пред присутните медиуми на прес-конференцијата рече дека и вториот јавен повик за финансиска поддршка на авиокомпании е поништен бидејќи „Визер“, единствениот пријавен кандидат, понудил сите четири дестинации од аеродромот во Охрид да ги воведе во август 2019 година, место како што е обврската предвидена во повикот, две линии да бидат воведени до јануари 2019 година.
,,Владата е посебно фокусирана на развој на воздушниот сообраќај на земјата. Доказ за тоа е континуираниот раст на бројот на патници забележан во последната година и половина. Остваривме контакти со многубројни авиокомпании. Некои од нив успеавме да ги убедиме да ја постават Македонија, односно Скопје и Охрид на нивната мапа на дестинации. Исто толку, остануваме посветени и во следниот период, со цел да го унапредиме авиосообраќајот на едно повисоко ниво, а на граѓаните и на бизнис-секторот да им обезбедиме широка мрежа на дестинации, согласно со нивните потреби”, истакна тој.
До Министерството за транспорт и врски, до крајниот рок, дванаесетти октомври, тендерска документација достави една авиокомпанија, авиокомпанијата „Визер“.Согласно со утврдените правила, комисијата составена од членови на Министерството за транспорт и врски, на Министерството за финансии, од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од Владата, пристапи кон отворање на пристигнатата понуда и разгледување на доставените документи.
Од страна на комисијата, во текот на вчерашниот ден до Министерството за транспорт и врски е доставен извештај во кој е утврдено дека доставената понуда на авиокомпанијата „Визер“ не одговара со условите и критериумите пропишани во јавниот повик за финансиска поддршка за авиокомпании, информираше Сугарески.
Според него, во јавниот повик предвидено е авиокомпанијата што ќе добие финансиска поддршка да има обврска да почне со оперирање на најмалку 4 нови дестинации од аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, и тоа првите две до 10.01.2019, а останатите две, во рок од една година од денот на склучување на договорот, и истите да ги опслужува за период за кој се доделува финансиската поддршка.
Авиокомпанијата „Визер“ доставила понуда во којашто сите четири дестинации од аеродромот „Св. Апостол Павле“ планира да ги воведе во август 2019 година.
,,Ова е спротивно на еден од клучните критериуми во јавниот повик. Ќе повторам. Во јавниот повик јасно стои дека авиокомпанијата има обврска до 10.01.2019 да воведе две линии од аеродромот во Охрид, и уште две во рок од една година од потпишувањето на договорот. Авиокомпанијата ‘Визер’ понудила четирите дестинации да ги воведе во месец август 2019 година. Поради ова, комисијата констатираше дека условите од јавниот повик не се исполнети и даде препорака овој јавен повик да се поништи.
За оваа фактичка состојба не ми останува никаква друга можност освен доследно почитувајќи ги уредбата и јавниот повик повторно да ја поништам и оваа постапка. Она што сакам да го потенцирам е дека ние како Влада и како Министерство за транспорт и врски остануваме доследни на мерката за финансиска поддршка за авиокомпании кои ќе понудат нови дестинации за македонските граѓани. Да бидам директен. Евтини летови ќе има, и тоа оваа Влада ќе го исполни водејќи сè исклучиво од интересот на граѓаните на Република Македонија, но процедурата и правилата мора да се почитуваат.
Граѓаните да бидат спокојни. Владата процени дека стратешки интерес на Република Македонија е покрај скопскиот аеродром, системски да го развива и охридскиот аеродром. Затоа и во јавниот повик побаравме потенцијални корисници на финансиска поддршка да воведат четири нови линии од охридскиот аеродром во 2019 година. Исто така сакам да нагласам дека средствата се веќе предвидени во буџетите за следните три години, односно 2019-2020-2021 година. Тие пари се на граѓаните и ќе сториме сè што е во наша надлежност за да овозможиме за овој јавен повик да успее.Но морам да споменам уште еднаш, дека мерката ќе се реализира согласно со јасно утврдени процедури и критериуми и исклучиво во интерес на граѓаните, додаде тој.