Цените на горивата се намалуваат од денеска, а во следните денови и цените на лебот, брашното, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко, месото, оризот, јајцата. Ова е резултат на донесените мерки за намалување на ДДВ и акцизата, а со цел намалување на ценовниот шок поради војната во Украина.

Во следните три месеци, односно до крајот на мај годинава стапката на ДДВ за основните производи за човечка исхрана ќе биде намалена од 5 на 0 проценти, а данокот на горивата се намалува од 18 на 10 проценти, како и акцизата за 1, 2 или 4 денар.

Повластената стапка од 5 проценти ДДВ за електрична енергија за домаќинствата се продолжува до крајот на 2022 година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, на прес-конференција во Владата вчера ги повика граѓаните и стопанствениците да бидат рационални во трошењето на енергенсите и да не подлегнуваат на шпекулации кои се на штета на личниот буџет, нагласувајќи дека сите мерки се преземаат навремено и дека нема простор за паника.

Донесените законските измени, рече Бесими, предвидуваат механизми кои Владата ќе може да ги користи и во иднина доколку има потреба да се избегнат какви било шпекулации и ценовни шокови на граѓаните и стопанството.