Темпото на вработување во САД значително забави во септември, попречено од губењето на работните места во рударската индустрија, но стапката на невработеност се одржа на најниското ниво во последните седум и пол години, информираат од Вашингтон.
Американските работодавци во септември отворија нето 142.000 нови работни места, известуваат од Министерството за труд на САД.
Во приватниот сектор во септември вкупно се вработени 118 000 нови работници, а во јавниот 24.000, според официјалните податоци на Министерството.
Повеќето од вработените се во секторот за здравствена заштита и во ИТ секторот додека во рударскиот сектор нето се затвориле 10 илјади работни места.
Стапката на невработеност во септември остана непроменета, на најниско ниво во последните седум и пол години од 5,1 проценти. Бројот на невработени е намален за 100.000, на 7,9 милиони.
Аналитичарите очекуваа преку 200.000 нови работни места, а извештајот особено внимателно се следи од централната банка, бидејќи гувернерката Janet Yellen токму вработувањето го истакна како клучен критериум за прилагодување на монетарната политика.
Неодамна Yellen изјави дека Банката на федерални резерви може да ги зголеми каматните стапки на крајот на оваа година, ако инфлацијата остане стабила, а економскиот раст е доволно силен за да го засили вработувањето. Каматите во САД со години се на рекордно ниско ниво во близина на нула, а новиот извештај на Министерството за труд би можел да ги пригуши изгледите за нивно зголемување оваа година.