Американците трупаат долг на кредитните картички поради зголемените трошоци за живот во земјата.
Долгот на американските домаќинства надмина 16 трилиони долари за прв пат во вториот квартал, покажуваат податоците на Федералните резерви на Њујорк, цитирани од „CNN“.
И покрај скокот на каматните стапки, салдото на кредитните картички се зголеми за 46 милијарди долари во последниот квартал.
Во текот на изминатата година, долгот на кредитните картички скокна за 100 милијарди долари, или 13%, што е најголем процентен пораст во повеќе од 20 години.
Кредитните картички обично наплатуваат високи каматни стапки кога салдата не се целосно исплатени, што ги прави еден од најскапите форми на финансирање на долгот.
Според Њујоршките федерални резерви, растот на салдата на кредитните картички барем го одразува растот на инфлацијата, чија стапка е највисока во повеќе од четири децении.
Сепак, високата инфлација го прави поскапо одржувањето на салдата на кредитните картички бидејќи Федералните резерви почнаа агресивно да ја затегнуваат монетарната политика. На последниот состанок, ФЕД ја зголеми основната каматна стапка за 75 базични поени.
Покрај зголемувањето на салдата на кредитните картички, Американците отворија и 233 милиони нови сметки за кредитни картички во вториот квартал. Ова е најголема бројка од 2008-ма година, покажува и статистиката.
Високата инфлација ги принудува потрошувачите да се повлечат и од своите заштеди. Стапката на лични заштеди падна на 5,1% во јуни, што е најниско ниво од август 2009-та година.
И покрај зголемените нивоа на долг, Њујоршките федерални резерви веруваат дека потрошувачките биланси засега изгледаат генерално во „силна позиција“.
Најголем дел од зголемувањето на долгот на американските домаќинства од 2% од претходниот квартал на 16,2 трилиони долари се должи на хипотеките. Салдото на студентските заеми се непроменети на речиси 1,6 трилиони долари.
Севкупно, Американците продолжија да го плаќаат својот долг според предвиденото во последниот квартал, како одраз на сè уште силниот пазар на труд.
Учеството на лошите и нефункционалните кредити останува блиску до историски најниско ниво, иако благо се зголеми во последниот квартал.
„Со постепеното укинување на стимулацијата воведена за време на пандемијата со Ковид-19, има групи на заемопримачи кои почнуваат да доживуваат одредени потешкотии во отплатата на своите долгови“, се вели во извештајот на Федералните резерви.