Административната зграда и два пункта на јавното претпријатие „Водовод“ Куманово останаа без струја, поради како што велат надлежните енормното покачување на цените за електрична енергија. Градот засега има вода, бидејќи функционира филтер станицата. Но, претпријатието се соочува со проблеми да ја реализира наплатата на сметките. Алармирале до надлежните, но реакција сè уште нема.

Објекти на јавното претпријатие „Водовод“ Куманово една седмица се без електрична енергија, поради како што велат надлежните енормното покачување на сметките. И покрај ваквата состојба, кумановци имаат вода, бидејќи функционира филтер станицата. Последната јулската сметка изнесува речиси девет милиони денари, што е девет пати повеќе од однос на лани.

Во административната зграда ни е софтверот, кадар системот, мониторингот, сите тие алатки сега не можеме да ги користиме и се соочуваме со големи проблеми во делот на наплата на самите сметки. Проблемот со електрична енергија настана само и единствено поради енормното покачување, инаку ЈП Водовод Куманово заклучно со декември 2021 година своите обврски ги подмируваше навреме, посочи Оливер Стојмановски, директор ЈП „Водовод“ Куманово.

Од Водовод посочуваат дека побарале, но не постигнале договор, за одложено плаќање. Потсетуваат дека преку здружението на јавни комунални претпријатија АДКОМ, за проблемот алармирале навреме, уште по јануарската сметка. Но сè уште нема никаква реакција за нивните барања.

Реагиравме до АДКОМ, во понеделникот се одржа состанок, присуствуваа претставници на комуналните претпријатија од земјава при што сите се во иста ако не и полоша состојба, само што тие моментално не се исклучени. За пример директорот на „Водовод“ Скопје најави сметка за август од 90 милиони денари, а лани била околу 10-11 милиони. Битола има сметка од 12 милиони, Гевгелија, дополни Стојмановски.

Од „Водовод“ нагласуваат дека електрична енергија се троши пред сè за потребите на фабриката за преработка на вода, пречистителната станица за отпадни води и пумпните станици, додека административната зграда и петте пунктови трошат значајно помалку.