Мекдоналдс донел одлука да ја смени смесата од масла кои се користат за подготовка на помфрит, односно да го намали уделот на сончогледовото масло. “За подготовка на помфрит користиме мешавина од масло, кое се состои од сончогледово масло, но и масло од репка.
Во исто време, сончогледовото масло сочинува само мал дел”, објаснуваат во Мекдоналдс во Минхен.
Уделот на тоа масло во смесата за приготвување помфрит привремено се намалува, соопштија од компанијата, истакнувајќи дека клиентите и понатаму ќе добиваат најквалитетен помфрит.
Војната во Украина предизвика недостиг на сончогледово масло во Германија, бидејќи Украина беше најголемиот извозник на тој вид масло во Германија.
„Се соочуваме со драстичен пораст на цената на маслото за јадење. Затоа, реално е дека угостителите ќе ги променат своите рецепти“, рече Томас Геперт, провинциски директор на Здружението на хотели и ресторани „Дехога“ во Минхен.
Дури 95 отсто од членовите на „Дехога“ велат дека имаат проблеми со испораките на маслото за јадење, а веќе има проблеми и со брашното. Сончогледовото масло со недели се продава многу брзо во супермаркетите.