Сашо Дукоски, познат во јавноста како поранешен директор на Државниот инспекторат за градежништво во чие време беше урнат со динамит станбено-деловниот комплекс „Космос“ во 2011, за кратко време со новоформирана фирма доби три тендери за медицинска опрема, информира Фактор.

Дукоски на 20 февруари годинава како поединец ја основа „СС Солушнс“ со седиште во Центар со дејност неспецијализирана трговија на големо. Следниот месец во март 2024 Дукоски со „СС Солушнс“ отвора подружница – складиште во населба Гази Баба, а истиот месец ја додава дејноста продажба на лекови (трговија на големо со фармацевтски производи) со експресно решение од Агенцијата за лекови.

Очигледно за брзо време започнало и учеството во трката за договори за јавни набавки, што на 16 мај резултирало со добиен тендер за околу 150.000 евра доделен од Институт за трансфузиона медицина на РСМ. „СС Солушнс“ го победил „Фармахем“ и за 9,5 милиони денари со платен ДДВ требало да набави центрифуги за кеси со крв и други додатоци.