Вчера во Париз започна судењето на поранешниот главен извршен директор на Франс Телеком и други поранешни шефови поради бизнис стратегијата на „морално вознемирување” на вработените, кое наводно довело до бран самоубиства на 35 вработени пред една деценија.

Бранот самоубиства, кои во тоа време ја шокираа Франција од 2008 до 2009 година ги наметнаа прашањата за културата на работното место во поранешниот државен телекомуникациски гигант.

Компанијата сега е позната како Оринџ откако во 2013 година е преименувана.

На поранешниот главен извршен директор Дидие Ломбард, кој ја предводеше компанијата од 2005 до 2010 година, на неколку други шефови како и на самата компанија Оринџ им се суди за наводниот превид за институционалното вознемирување во компанијата.

Судењето беше отворено во парискиот кривичен суд по речиси седум години откако Ломбард и Франс телеком беа обвинети за „морално вознемирување“, кое се дефинира како „чести дејства чија цел или последица е деградација на работните услови“.

Некои од шефовите се обвинети за „психолошко вознемирување“, додека други се соочуваат со обвиненија за „соучество“, изјави портпаролот на обвинителството.

Бранот самоубиства се појави за време на реструктуирањето на телекомуникациската компанија по приватизацијата и државните субвенции. Ломбард и останатите извршни директори имале за цел за време на реструктуирањето да укинат 22.000 работни места во период од три години.

Синдикатот ја обвини администрацијата за користење на „особено насилни методи на институционализирано малтретирање“ за да ги заплаши вработените и да ги натера сами да дадат отказ.

Во 2006 година, Ломбард на персоналот им кажал: „Ќе ги натерам луѓето да заминат на еден или на друг начин, или преку прозорецот или вратата“.

Во март 2010 година Ломбард поднел оставка.

Оринџ е првата поголема компанија во Франција која се соочува со обвиненија за психичко вознемирување.