Според најновите податоци на Народната банка за монетарните движења во јуни, годинава вкупните депозити на корпоративниот сектор остварија месечен и годишен раст од 2,3% и 12,7%. Нагорната месечна промена главно се должи на зголемувањето кај краткорочните депозити во странска валута (придонес кон растот од 77,0%), а годишниот раст произлегува од зголемените депозитни пари и краткорочни депозити во странска валута, при пад на краткорочните денарски
депозити.
Во јуни, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 0,8% на месечна основа, во услови на речиси подеднаков придонес кон растот на кредитирањето во денари и во странска валута. На годишна основа е забележан раст на кредитната активност од 2,9%, што во услови на намалено кредитирање во странска валута, целосно е резултат на зголеменото денарско кредитирање.