Делегација на Народната банка, во состав од гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и генералната директорка на Секторот за супервизија, Викторија Глигорова, е во работна посета на Банката на Грција, во рамките на заложбите за унапредување на регионалната соработка со централните банки и утврдување на заедничките економски и финансиски приоритети. За време на посетата, гувернерката Ангеловска-Бежоска оствари средба со својот колега, Јанис Стурнарас, гувернер на централната банка на Грција, а делегацијата се сретна и со заменик-гувернерката, Кристина Папаконстантину и генералниот директор за супервизија и решавање банки, Јоанис Цикрипис.

За време на средбата беа разработени повеќе теми од заеднички интерес на двете централни банки. Притоа акцентот беше ставен на одржувањето на финансиската стабилност како предуслов за економски раст. Беше заклучено дека во услови на неизвесност во светски рамки, од големо значење е да се гради отпорноста на банкарските системи, вклучително и преку обезбедување заштитни слоеви на капиталот. Исто така, беа разгледани теми поврзани со модернизацијата на финансиските системи и дигитализацијата.

На средбата беше нагласена заложбата на двете централни банки за продлабочување на соработката преку иницијативи за размена на знаења и искуства и зајакнување на билатералните односи.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска го истакна значењето на регионалната соработка за утврдување на сложените предизвици: „Во денешната, интегрирана светска економија, соработката помеѓу централните банки е од суштинско значење за обезбедување нa финансиската стабилност, поттикнување одржлив раст и регионален напредок. Со продлабочувањето на соработката со Банката на Грција можеме заеднички да делуваме во корист на финансиската стабилност и економскиот развој на нашите земји и регионот“, посочи Ангеловска-Бежоска.

Гувернерот Јанис Стурнарас ги прими на работна средба гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и генералната директорка на Секторот за супервизија, Викторија Глигорова. „Разговаравме за макроекономските и финансиските случувања во нашите земји, како и за начините за подобрување на соработката во однос на банкарскиот сектор и за заштита на финансиската стабилност во регионот“, рече Јанис Стурнарас.

Оваа работна посета е уште еден доказ за посветеноста на Народната банка на градењето регионални партнерства, придонесувајќи кон стабилноста во регионот на Југоисточна Европа.