Владата на Република Македонија денеска најави дека ги започнува реформите во делот на намалување на трошоците за извршување.
По завршувањето на редовната седница премиерот Зоран Заев на прес конференција рече дека причина за најавените реформи е што до сега владееле „одредени практики што оделе на товар на граѓаните. Сега, рече Заев, трошоците мора да бидат намалени и разумни.
Реформата предвидува измена на Законот за извршување и на Законот за нотаријат. Главната цел е намалување на трошоците во постапките пред нотарите и извршителите за наплата на долгови за комуналии и мали кредити.
16 извршителски трошоци се бришат од тарифата за наплата на долговите
Со новиот-предлог закон се бришат шеснаесет видови трошоци кои што граѓаните сега ги плаќаат во постапката за наплата на долговите пред извршителите а трошоците кои и понатаму ќе мора да се плаќаат се намалени за 50 отсто и повеќе.
„На пример налогот за извршување на трансакциска сметка за граѓаните кој сега чини 1200 денари со новиот Тарифник ќе биде 60 денари за долгови до 61.000 денари и ќе се движи до 360 денари за најголемите долгови. Наградите на извршителите исто така се намалуваат со тоа што се става ограничување дека при извршување на платни налози за комунални трошоци наградата на извршителот нема да може да биде поголема од 20 отсто од висината на главниот долг“, објасни Заев.
„Намалувањето на тарифите е корегирано за сите граѓани. Но најголемо намалување има кај сиромашните граѓани. Кога зборуваме за сиромашни граѓани зборуваме за видот на долгот и висината на долгот. Оние долгови кои што се однесуваат за комунални трошоци се долгови од луѓе кои не можат да се ги намират секојдневните обврски и за луѓе кои имаат мали долгови кои што достигнуваат 1000 евра како што се позајмици од банки, кредити“, кажа Дескоска.
Законот ќе важи ретроактивно бидејќи е во полза на граѓаните, вели Дескоска и ќе важи за сите оние граѓани кај кои постапките за наплата на долговите е веќе започната но не и за оние кои веќе платиле дел или целосно го исплатиле долгот.
Нема веќе нотарски трошоци за комуналии, нотарите изненадени од владината одлука
Според пресметките на министерството за правда ако до сега трошоците пред нотар изнесувале 3.490 денари сега ќе бидат 550 денари за сметка од 3.000 денари, што значи дека граѓаните ќе ги плаќаат само трошоците за награда и материјалните трошоци. За сметка од 11.000 денари за струја и парно кај нотар наместо 5.770 денари сега ќе се плаќа 750 денари.
„Граѓаните ќе бидат ослободени од судските такси и од трошоците за клаузулата за надомест за правосилност и извршност. Нотарската награда ќе биде 10 отсто од главниот долг но не повеќе од 500 денари. Така на пример, со предложените измени во Законот за нотаријат, ако долгот е 1000 денари надоместокот за нотарот ќе биде 100 денари. Ако долгот пак биде 10.000 денари тогаш надоместокот нема да биде илјада денари туку ќе биде максимални 500 денари“, објасни премиерот Заев.
Од Нотарската комора на Македонија се изненадени од ваквата владина одлука.
„Не сме консултирани за ваквата владина мерка ниту ги знаеме измените што се предлагаат. Очекуваме да ги добиеме за да може да ги разгледаме. Треба да се направи математичка симулација. Но ако тие измени важат за социјално ранливи категории на граѓани ние истите ќе ги поддржиме. Нотарите вршат јавни овластувања па затоа ние мора да ги почитуваме владините решенија“, вели за НОВА ТВ, Васил Кузманоски, претседател на нотарската комора.
Премиерот Заев пак рече дека реформата е направена по претходна консултација со луѓе од различни професии, со должниците и со доверителите.
Нема веќе адвокатски трошоци за долг помал од 10.000 евра
Законот за извршување и Законот за нотаријат ќе претрпат промени и во делот на обврската за ангажирање на адвокат.
Исто така за сметки за вода, смет, телефон и одржување на заеднички простории во висина до 6000 денари граѓаните нема да плаќаат за услугите на адвокатите кои што во сегашниот закон мора да бидат вклучени во постапката за наплата на долгот. потребно учество на адвокати во постапката за наплата. Адвокат нема да биде потребен и при наплата на долг за сметки за струја и парно до 15.000 денари. Со тоа се исклучуваат адвокатските трошоци за ваквите видови долгови, објасни премиерот Заев.
Што се однесува до интервенција на законот за ангажирање на адвокат за наплата на долгови над 10.000 евра, министерката Дескоска кажа дека и во тој дел на законот ќе има реформи но не сега.
„Сега се затвора пакетот за намалување на трошоците на граѓаните. Делот за меѓусебните односи помеѓу нотарите и адвокатите е оставен за втората фаза од реформите кога ќе се прават целосни измени на законот“, појасни Дескоска.
Заев најави дека реформите за изнаоѓање на решенија за наплата на долговите ќе продолжат. Тој потсети дека заедно со опозицијата го предложија Законот за отпис на каматите на долговите и дека Владата работи на нов Закон за бришење на долговите.
„Народната банка на Македонија и министерството за финансии работат и на прашањето како да се среди прашањето со трошоците за одблокирање на сметките во банките. Верувам дека ќе најдат начин како да го направат тоа“, изјави Заев.
Ниту една канцеларија нема да биде затворена, одговорност на извршителите и нотарите се бара на суд
Со укинувањето или со намалувањето на трошоците на граѓаните при наплата на долг ниту една извршителска или нотарска канцеларија нема да биде затворена, уверува премиерот Заев прашан дали намалувањето на приходите на извршителите и нотарите ќе ја загрози нивната работа со оглед на законските стандарди што се поставени за нивната работа.
„Сметаме дека и со вака предложениот Тарифник канцелариите ќе можат непречено да работат. Секако доколку има проблем и потреба јас сум подготвена за разговор“, вели Дескоска.
Прашана дали министерството за правда ќе направи ревизија на работењето на извршителите и нотарите и дали ќе се бара евентуална кривична одговорност таа одговори дека ревизија на нивната работата може да се прави само пред судови а министерството може само да покренува иницијативи за покренување на дисциплински постапки.