Инвестиција од сто милиони евра, која во временска рамка од десет години треба да отвори илјада работни места, е договорена со турски „Шахтерм“. Договорот е потпишан помеѓу менаџерот на компанијата од Бурса, Фарук Шахин, и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски. Реализацијата на новата турска инвестиција во Македонија предвидува закуп на повеќе од 20 илјади метри квадратни во ТИРЗ Скопје 2, каде што ќе се изгради објект кој ќе зафаќа површина од над 13 илјади квадрати. Тоа ќе биде и првата од двете фази на инвестицијата.
Со ова, „Шахтерм“ го зголеми планираното вложување, кое во стартната најава, пред четири месеци, беше од 70 милиони евра. Ова ќе биде првиот производен капацитет на компанијата надвор од матичната држава. Во планот на новата инвестиција е предвиден и центар за истражување и развој.
„Шахтерм“ зад себе има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. На глобално ниво се вбројува меѓу петте водечки компании во оваа дејност, поради тоа што повеќе од половина од годишното производство е наменето за пазарите надвор од Турција. На листата од клиенти се познатите светски производители на бела техника и апарати за домаќинство – „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.
Делегација на ТИРЗ е во посета на Турција, а во тие рамки е потпишан и договорот. Освен тоа, ќе има и презентација на македонските инвестициски можности пред турски компании.