Близу 9 милиони евра потроши ЕСМ за да купува струја сред лето. Од јуни досега направени се вкупно седум набавки.

Според извештаите цената по која е купена струјата, во одредени периоди е повисока од онаа која била на регионалната берза Хупекс. Па така на 6ти август, цената на Хупекс берзата се движела од 30 до 79 евра за мегават, а ЕСМ ја набавило за цени и од 102 евра за мегават час. Директорот на ЕСМ Васко Стефанов, најпрво негираше дека толкава разлика има, но потоа се премисли па објасни….

„Нема толкава разлика, верувајте. Овие податоци од последните купопродажби, согласно понудената цена во тој момент ние таа енергија сме ја набавиле.“ изјави Васко Стефанов, генерален директор на АД ЕСМ

Вообичаено во летните месеци се продаваат вишоци на електрична енергија, а во зима кога побарувачката е зголемена се прават набавки. Директорот објаснува дека набавките се поради топлотниот бран, но и поради тоа што дел од термоелектраните се во ремонт.

ЕСМ денеска го потпиша договорот за заем од ЕБОР со што на располагање има 100 милиони евра за побрза транзиција кон зелената агенда, откако се измени законот за договорот кој беше заглавен во Собранието. Стефанов вети дека парите ќе се трошат домаќински и наменски.

„Средствата од заемот ќе се користат за тековно работење на ЕСМ, ја користам прилика во име на одборо се обврземе овие средства да ги користиме наменски, домаќински и одговорно, пред се за проекти поврзани со зелена агенда.“ изјави Васко Стефанов, генерален директор на АД ЕСМ

Првиот човек на ЕСМ очекува наредниот месец да се знае и новата цена на парното, но не откри дали ќе следи зголемување. Само кажа дека се уште се чека на РКЕ да ги направи пресметките за да може да се подмират долговите кои компанијата ги има со БЕГ.