Во стечај падна неготинската винарска визба Повардарие. Велешкиот суд кој ја отвори постапката ги повикува сите доверители во рок од 15 дена да ги пријават побарувањата кои ги имаат, а оние кои и должат на визбата, во најкраток рок да си ги подмират обврските. Решението за стечај доаѓа по низа претсечајни постапки кои се отвораа и експресно се затвораа над една од најголемите виинарии во земјата. Од здружението Тиквешки лозаро-овоштари апелираат до сите лозари навреме да си ги пријават побарувањата.
Стојчев вели дека лозарите се затекнати од новата ситуација. Тврди дека Владата не си останала на зборот и не го покрила целосниот долг, кој реши да го преземе од винариите Повардарие и Стефани.
Од Агенцијата за поддршка на земјоделството ги негираат овие тврдења. Велат дека сите лозари кои ги исполнувале условите согласно владината одлука и програмата, уште пред неколку месеци поделиле нешто над 1,4 милиони евра државни пари.
– „Владата донесе уште една дополнителна Одлука во која беа опфатени и дополнителни сорти на предадено грозје. Штом ќе завршат административните обработки, за сите кои ги исполнуваат условите ќе бидат изготвени налози за исплата на средствата по оваа мерка. Со ова се решава проблемот на наследени долгови за предадено грозје за 2014, 2015 и 2016 година, што винарските визби „Стефани“ и „Повардарие“ ги имаа кон лозарите.“
Винаријата Повардарие години наназад се соочува со финансиски проблеми. Годинава не вршеше откуп на грозје, бидејќи нема лиценца. Само кон Управата за јавни приходи има долг од околу 1,2 милиони евра. Останатиот долг ќе се знае во декември, кога Велешкиот суд закажа рочиште, на кое ќе се испитува колку вкупно должи оваа винарска визба. Телевизија 24 дознава дека во Повардарие најверојатно ќе се води активен стечај, односно, визбата ќе се спасува преку план за реорганизација.