Се работи за финансиски средства од околу 3,5 милиони евра, од кои за првиот повик се 1,2 милиони евра.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи вчера заедно со заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески и Фрек Јанмат од Делегацијата на ЕУ во земјава го објавија првиот повик за проектни предлози во рамки на ИПА 2 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Србија 2016 – 2020.
Се работи за финансиски средства од околу 3,5 милиони евра, од кои за првиот повик се 1,2 милиони евра, што ќе можат да бидат искористени односно за што ќе може да аплицираат 16 општини од североисточниот регион од нашата држава, вклучувајќи некои општини од Град Скопје, заедно со општини од јужна Србија.
– На некој начин ја заокружуваме прекуграничната соработка со сите земји од регионот, со Република Бугарија, Република Грција, Република Албанија, Република Косово и сега со Република Србија, што е важно во т.н. агенда на поврзување помеѓу земјите од регионот во пресрет на подготовките на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ, изјави на заедничката прес-конференција вицепремиерот Османи.
Тој се осврна и на политиката во делот на граничните премини односно на ГП Табановце со „one stop shop” со Србија, но и за позитивниот развој на настаните со помош на норвешки проект во однос на новиот граничен премин Лојане – Миратовац, по барање на граѓаните.
Информира дека на седницата на Комитетот за реформа на јавната администрација одржана доцна синоќа било прифатено барањето од СЕП да се создаде законска основа за воведување т.н. политика на задршка на кадар во делот на ИПА секторот и во делот на преговарачките групи.
– Се соочуваме со проблем односно луѓето ги напуштаат работните места во државната и јавната админситрација откако ќе стекнат одредена подготвеност и обука бидејќи пазарот ги бара, особено консултантските компании. Се соочуваме со голем дефицит на стручен кадар. Се договоривме да создадеме законска основа за наградување на вработените во ИПА секторите кои се занимаваат со проекти и во преговарачките групи во зависност од успесите што ќе ги покажат при реалзиација на проектите односно во зависност од парите што ќе ги трошат од ЕУ во реализација на успешни проекти, појасни вицепремиерот Османи.
Заменик министерот Павлески информираше дека повикот е објавен на 25 јули, а ќе трае до 27 август годинава, период во кој 16-те општини ќе можат да аплицираат и да создаваат нови вредности. Министерството за локална самоуправа, посочи, учествува во проектот со 15 проценти финансиско учество во спроведување на програмата, така што вкупната програма би изнесувала четири милиони и 55 илјади евра, од кои околу 3,5 милиони евра се финансирани од ЕУ.
На новинарско прашање до кој степен се искористени фондовите од ЕУ за прекуграничната соработка заменик министерот Павлески одговори дека искористеноста е голема и наведе дека во прекуграничната соработка со Грција се влегува со стратешки проект-отворање нов граничен премин.
За оваа прекугранична соработка за повеќе од околу 700 илјади луѓе, образложи Фрек Јанмат од Делегацијата на ЕУ, приоритети ќе бидат економскиот развој, мобилност на трудот, како и социјална инклузија, но и зачувување на културулошкото и природното наследство.
Одговарајќи на новинарско прашање како генерално се задоволни од искористувањето на ЕУ фондовите од страна на нашата држава Јанмат истакна дека секогаш може да биде подобро, но, како што рече, ако се погледнат другите земји-кандидати за членство во ЕУ, вклучувајќи ја и Турција, Македонија е меѓу подобрите во искористувањето на средствата од фондовите на ЕУ.