Повеќето луѓе во светот веруваат дека капитализмот во својата денешна форма повеќе прави штета отколку што носи корист, откри истражување направено пред овонеделниот самит на политичката и економската елита во Давос.
Еделман траст барометер, кој во две децении анкетирал десетици илјади луѓе за нивната доверба во клучните институции, оваа година за првпат се обиде да дознае што мислат луѓето за капитализмот.
Авторите на истражувањето наведуваат дека претходните истражувања кои покажале раст на чувството на нееднаквост ги натерале да ги прашаат граѓаните дали почнале да имаат длабоки сомнежи во западните демократии засновани на капитализмот.
„Одговорот е ‘да’“, вели Дејвид Берсоф, лидер на истражувањето кое го спроведе американската компанија Еделман. „Луѓето го преиспитуваат дали она што го имаме денес и светот во кој живееме е идеално за нивната иднина“.
Во истражувањето учествувале 34.000 луѓе од 28 земји. Анкетирани се граѓани на западните либерални демократии како САД и Франција, но и граѓани на Кина и Русија.
Повеќе од половина од сите анкетирани, 56 отсто, сметаат дека „денешниот капитализам прави повеќе штета отколку што носи корист во светот“.
Со истражувањето почнато во 2000 се обиделе да ги проверат теориите на политичкиот филозоф Френсис Фукујама кој по падот на комунизмот кажа дека либералната демократија сега се смета за „крајот на историјата“.
Но, од тогаш се јавуваат критичари кои не се согласуваат со тоа и укажуваат на сешто – од растечкото влијание на Кина и сѐ пораширената појава на автократски лидери, трговскиот протекционизам и сѐ поголемата нееднаквост по глобалната финансиска криза од 2008 година.
На национално ниво недостигот од доверба во капитализмот е најприсутен на Тајланд (75 отсто), во Индија (74 отсто) и во Франција (69 отсто). Во други азиски и европски земји како и оние во Персискиот Залив, како и во африканските и јужноамериканските земји преовладува истата оценка со вредност од над 50 отсто.
Само во Австралија, Канада, САД, Јужна Кореја, Хонг Конг и Јапонија повеќе анкетирани не се согласуваат со тврдењето дека капитализмот во моментов предизвикува повеќе штета од ќар.
Истражувањето потврдило различен вид загриженост на граѓаните, од онаа поради брзиот технолошки развој и несигурноста на работата, до немањето доверба во медиумите и чувството дека националните влади не знаат да се носат со денешните предизвици.
Притоа податоците малку се разликуваат па Азијците се пооптимистички од другите во светот кога станува збор за економската перспектива. Исто така мислењата се разликуваат зависно од статусот па оние подобро образованите имаат повеќе доверба во тоа како се водат нештата.
Лидерите на корпорациите кои неделава ќе се соберат во Давос може да ги израдува податокот дека довербата во бизнисот е поголема отколку во владите и дека 92 отсто од вработените сметаат дека генералните директори на компаниите треба повеќе да зборуваат за актуелните општествени и етички прашања.
„Бизнисот ја пополни празнината оставена од популистите и партиските влади“, изјави директорот на Еделман, Ричард Еделман.