Денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска оствари средба со претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова и дел од претставниците на сојузот.
На средбата се разговараше за теми кои ги засегаат пензионерите и се во насока на унапредување на животниот стандард на оваа ранлива категорија на граѓани.
Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, се воведе нов начин на усогласување на пензијата. Согласно новата методологија со исплатата на септемвриските пензии, тие ќе се усогласуваат со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата и 50% пораст на трошоци на живот.
„Согласно, првичните анализи, со кои располагаме, а се добиени од Министерството за финансии, усогласувањето согласно измените на законот ќе придонесе кон раст на пензиите за најмалку 6%. Ако просечната пензија изнесува во моментов 16.300 денари со ова усогласување пензијата би се зголемила за околу 1000 денари. Овој износ не е дефинитивен, може да биде поголем или помал во зависност од официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) согласно кои ќе се изврши усогласување на пензиите,” рече Тренчевска.
Таа дополни дека покрај новата методологија за усогласување на пензиите, се обезбеди и финансиска поддршка од 1000 денари за три месеци, со цел да се ублажуват последиците од економско- енергетската криза и ценовниот шок предизвикан од воената агресија на Русија врз Украина и последиците од неа.
330.000 пензионери веќе ја добија првата финансиска поддршка за месец март, а со следните две пензии ќе ја добијат и останатата помош.
Министерката се осврна и на одлуката за редовна и предвремена исплата на пензиите во време на пандемија, пракса која ќе продолжи и понатаму.
„Нашите пензионери имаат право на достоинствена старост, пристоен и мирен живот во своите зрели години. Создаваме систем, според кој пензионерите ќе имаат сигурност, извесност и постојан раст на нивните пензии,” потенцираше министерката.
На средбата министерката ги информираше претставниците на Сојузот за воспоставувањето на социјалните услуги на локално ниво. Услугата помош и нега на стари лица во домот, која ја обезбедуваат обучени негователи кои им помагаат на старите лица во извршувањето на секојдневните активности.
Соговорниците изразија уверување дека досегашната соработка ќе продолжи. Грижата и благосостојбата на пензионерите останува приоритет на Владата и Министерството за труд и социјална политика.