Ќе има промени во системот за заштита на штедните влогови. Прагот на гарантиран надомест на евентуалната штета настаната од влегување на банка во стечај ќе ги надмине актуелните максимални 30 илјади евра, а под капата на Фондот за обесштетување на депозитите ќе застанат и малите трговци. Ова се дел од новините што ќе уследат со новата законска регулатива, што е во фаза на подготовка.

Фондот за осигурување на депозити активно работи на подготовка на нова законска регулатива за модернизација на системот за заштита на депозити, во соработка со експерти од Светската банка. Целта е во најскоро време да се донесе законско решение со кое ќе се овозможи целосно усогласување со Директивата на ЕУ за гаранција на депозити“, велат за порталот Пари од ФОД.

Дел од стручната јавност веќе неколку години наназад укажува дека е потребна модернизација на овој Фонд, како и значително поместување на границата за обесштетување. Притоа, има предлози, во случај да „изгорат“ заштедите во некоја банка, на штедачите да им се надомести максимален износ од 100 илјади евра.

Прагот на обесштетување ќе се зголеми над 30.000 евра и ќе биде определен согласно финансиските индикатори и структурата на депозитите во банкарскиот систем во државата. Во овој момент не се предвидува тој праг да се качи на 100.000 евра колку што е висок и прагот во високо развиените и моќни држави од ЕУ, каде и просечните плати се трикратно или повеќекратно повисоки од македонските. Но, секако, ќе се прилагоди на потребите на нашиот банкарски систем“, посочуваат од ФОД.

Со новото законско решение во системот на заштита на депозити ќе бидат вклучени и малите трговци, наведуваат од Фондот, Тоа значи дека ќе бидат осигурени и нивните депозити – денарски и девизни, трансакциските сметки, девизните приливи, депозитите врзани за парични картички.

Во суштина, нагласуваат од ФОД, осигурувањето на депозитите се однесува на депонент по банка. Секој е заштитен до прагот на обештетување.

Ако едно лице има депозити во повеќе банки, секој депозит во секоја банка му е осигурен до максималниот праг на обесштетување. Да потсетиме, во случај на обесштетување од страна на Фондот, поединечните депозити на едно лице во една банка, филијала на странска банка или штедилница се сметаат за единствен депозит. Депозити кои се обесштетуваат се денарските и девизните депозити, сертификатите за депозит, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи.

На пример, ако еден депонент има 400.000 денари на трансакциска сметка, 6.000 евра на девизна сметка и 6.000 евра како орочен депозит, тоа значи дека ќе добие обесштетување во износ од 12.000 евра + 400.000 денари и сите заедно се сметаат за единствен депозит на депонентот во случај на ризичен настан. Секако, исплатата на обесштетувањето се врши во денари и се пресметува по среден курс на Народната банка на денот на настанување на ризичниот настан (денот кога гувернерот ја одзема дозволата за основање и работа на банка или штедилница)“, појаснуваат од ФОД.

Укажувањата за оваа проблематика, односно за нужните промени, се интензивираа по случајот со Еуростандард банка. Од 2020 година па наваму има реакиции од оштетените. Особено од оние со повисоки депозити, над предвидениот максимум од 30 илјади евра, како и од правните лица за кои не е предвидена можноста за осигурување и обештетување. Познато е, тие пред четири години поднесоа и иницијатива до Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 163 став 3 од Законот за банки.

За застареноста на правилата, повремено, преку статуси на ФБ, пишува и даночниот експерт Павле Гацов, кој решенијата што се применуваат кај нас ги цени како „најлоши на Балканот… Европа не ја спомнуваме“.

Во тој контекст, посочува на очекувањата оваа власт да примени нови реформски правила во овој домен и со тоа да создаде услови за ново значајно зголемување на депозитната база на банкарскиот сектор, да ја зголеми сигурноста на депозитите и да го засили мотивот за штедење.

Зголемувањето на депозитната база ќе влијае на кредитниот потенцијал на банките, но и на зголемување на можноста државата да се задолжува на домашниот пазар (под поволни пазарни услови) наместо на странските финансиски пазари (и преку билатерални задолжувања) чија најголема слабост е што нето одливот по основ на камати и провизии завршува надвор од Македонија (и не претставува ставка за раст на GDP).

Домашното задолжување на државата ќе обезбеди приходите од камати да остануваат дома кај домашните банки (бенефитите од каматните приходи и провизии ќе ги покријат зголемените трошоци за осигурување на депозитите)“, смета Гацов.

Што се однесува до граѓаните и нивните информираност за постоењето на Фондот за обесштетување на депозитите, има напредок. Тоа го покажало и второто истражување на јавното мислење спроведено од ФОД. На пример, во 2019 само девет проценти од анкетираните имале слушнато дека постои некаков систем кои ги гарантира депозитите, а годинава се 30,5 проценти. Исто така, едно од прашањата на кои одговарале испитаниците е – Колку е важно постоењето на Фондот за осигурување на депозитите за градење на доверба во банкарскиот сектор. Високи 72,3 отсто од одговорите се дека тоа е многу важно. Пет годни претходно, таков одговор бил даден од само 26,9 отсто од испитаниците. Оттаму, постои уверување дека со новините што ќе се внесат ќе расте и довербата на граѓаните во заштитниот систем и во банкарскиот сектор.