Светска банка ја поддржува и смета дека е прифатлива најавената даночна реформа и воведувањето прогресивно оданочување, но порачува дека Владата треба да направи повнимателна анализа околу висината на износот на кој ќе се однесува повисоката стапка на оданочување.
Ова беше истакнато на денешната презентација на редовниот економски извештај за Западен Балкан на Светска банка денеска во Скопје.
„Може да поддржиме прогресивно оданочување што го анализира Министерството за финансии. Се движат во исправна насока со оглед на податоците со кои располагаме денес, но треба да се направи внимателна анализа околу прагот на кој ќе се однесува повисоката стапка на оданочување“, рече Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка во Македонија.
Во прилог на воведувањето на прогресивното оданочување од Светска банка посочија на фактот што Македонија заедно со Албанија и Косово во Европа има најниски приходи. Според нив, рамниот данок кој се применува сега во земјата е една од причините за ниските приходи.
Во однос на реформите во пензискиот систем од Светска банка наведоа дека анализата е во тек и дека се уште е далеку од одлука. Мантованели посочи дека има повеќе можности, а дека зголемувањето на старосната граница за пензионирање е само една од тие.
Светска банка гледа позитивен тренд во регионот на Западен Балкан и има позитивни прогнози за економскиот раст во Македонија во блиска иднина.
„Економското влијание на политичката криза во Македонија беше подолго од очекуваното. Растот забави на нула во 2017 година заради големото намалување на инвестициите. Но, економијата веќе почнува да закрепнува во 2018 година предводено од потрошувачката и закрепнување на инвестициите“, изјави Мантованели.
Според Светска банка, интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ може да ги забрза структурните реформи и да ја зголеми довербата на инвеститорите, а забрзаниот раст ќе помогне во фискалната консолидација. Препорачуваат континуирани заложби на фискална консолидација, воведување даночни реформи, подобрување на квалитетот и ефикасноста на социјалните трошења, рационализација на субвенциите особено во земјоделството, обезбедување одржливост на пензискиот систем, подобрување на управувањето со јавни финансии и јавните инвестиции.
Меѓу препораките се и одржување на реформскиот моментум за зајакнување на продуктивноста и перспективите за раст.
Според Светска банка, еден од предизвиците за регионот, како и за Македонија, е иселувањето на високообразовани кадри. Податоците со кои располагаат покажуваат дека најголемо иселување има од Косово и БиХ, каде што 50 проценти од популацијата емигрирало, додека податоците за Македонија покажуваат дека 25 проценти од популацијата е иселена. Покрај високообразованите, се наведува дека имаме и на нискообразовани што, според Светска банка, упатува на сезонско иселување.
Според регионалната директорка во Светска банка за земјите од Западен Балкан Линда Ван Гелдер, растот во регионот е ранлив од домашни и надворешни шокови и дека поробусниот раст што го прогнозираат за следните години е условен од вистинска комбинација на политики и регулативи за намалување на ранливоста од шокови и за поддршка на растот.
Таа порача дека земјите од Западен Балкан мора да достигнат раст на ниво од пет проценти за да можат за 20 години граѓаните да го имаат просекот на граѓаните од Западна Европа.
„Доколку останат на сегашното ниво, ќе им требаат шест децении“, потенцира Ван Гелдер.
Во Извештајот на Светска банка за Западен Балкан, растот на БДП е намален од 3,1 процент во 2016 на 2,4 проценти во 2017 како резултат на острата зима и на помалите инвестиции.