Во април 2018 година продолжува трендот на намалување на просечните каматни стапки на вкупните кредити и вкупните депозити кои забележаа идентичен месечен пад од 0,02 п.п. и изнесуваат 5,65% и 1,46%, соодветно – објави НБРМ преку соопштение.
‒ Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во април оствари минимално месечно зголемување од 0,02 п.п. и изнесува 4,94%. Од друга страна, просечната каматна стапка на новопримените депозити се намали за 0,37 п.п. и се сведе на 1,10%.
1. Каматни стапки на корпоративниот сектор
– Во април, каматната стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесува 5,01% и бележи месечно намалување од 0,02 п.п. Притоа, падот кај оваа категорија произлегува од намалувањето кај сите нејзини компоненти: каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,07 п.п. и 0,02 п.п., соодветно) и на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,01 п.п.). Во споредба со април 2017 година, оваа каматна стапка е намалена за 0,60 п.п.).
‒ Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор во четвртиот месец од годинава се намали за 0,10 п.п. на месечна основа и изнесува 4,51%. Надолната промена е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,23 п.п. и 0,06 п.п., соодветно), при раст на каматната стапка на кредитите во странска валута (за 0,44 п.п.). Оваа каматна стапка, на годишно ниво бележи намалување од 0,54 п.п.
Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор во април изнесува 1,71%, при месечно зголемување од 0,02 п.п. Анализирано според валутната структура, промената произлегува од минималниот раст на каматната стапка на примените депозити во странска валута (за 0,02 п.п.), како и на каматните стапки на денарските депозити без и со валутна клаузула (за 0,01 п.п., соодветно). Анализирано на годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,29 п.п.
Просечната каматна стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор забележа месечно намалување од 0,40 п.п. и изнесува 0,68%. Притоа, остварениот пад е детерминиран од намалувањето на каматните стапки на денарските депозити
со и без валутна клаузула, како и на каматната стапка на девизните депозити (за 0,70 п.п., 0,26 п.п. и 0,05 п.п., соодветно). Во однос на истиот месец минатата година, стапката е намалена за 0,37 п.п.
Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата забележа месечен пад од 0,02 п.п. и во април изнесува 6,33%, како резултат на намалувањето кај денарските пласмани без и со валутна клаузула (за 0,05 и 0,01 п.п., соодветно), при раст кај девизните кредити (за 0,02 п.п.). Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,22 п.п.
Во април, кај просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е остварен месечен раст од 0,03 п.п. и таа изнесува 5,59%. Притоа, растот се должи на зголемувањата кај каматните стапки на девизните кредити и на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,20 п.п. и 0,10 п.п., соодветно), во услови на пад на каматната стапка на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,08 п.п.). На годишна основа оваа каматна стапка бележи пад од 0,08 п.п.
Просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата споредено со претходниот месец оствари пад од 0,02 п.п. и изнесува 1,43%. Месечното намалување произлегува од падот на каматните стапки на денарските депозити со и без валутна клаузула (за 0,09 и 0,04 п.п., соодветно), при минимален раст од 0,01 п.п. на каматната стапка на депозитите во странска валута. Во однос на април 2018 година, каматната стапка е намалена за 0,11 п.п.
Во април, просечната каматна стапка на новопримените депозити од домаќинствата се сведе на ниво од 1,46%, што претставува месечно намалување од 0,33 п.п. Притоа, падот на месечна основа е главно е движен од промените кај каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на девизните депозити (за 0,36 п.п. и 0,07 п.п., соодветно), во услови кога каматната стапка на денарските депозити со валутна клаузула бележи раст од 0,35 п.п. Каматната стапка на ново примените депозити, на годишно ниво е намалена за 0,13 п.п.