Германскиот производител на душеци Ема отпушти дури една петтина од своите вработени

Компанијата од Франкфурт објави дека 200 од 1.120 вработени во филијали ширум светот останале без работа.

Директорот на компанијата наведува дека причина за отказот се тешките услови на пазарот, односно тоа што секторот за е-трговија и станбениот сектор се долги години нестабилен.

„Го прилагодивме нашиот план земајќи ги предвид овие фактори и не планираме никаков раст за цела година. Исто така, мора да ја усогласиме нашата организациска структура со оваа стратегија“, изјави директорот на компанијата за германските медиуми.

Ема е позната по тоа што клиентите можат да нарачаат душек преку Интернет и да им го достават на домашна адреса. Може да го вратат и по 100 дена доколку не се задоволни.
Германските медиуми јавуваат дека поплаките на клиентите се во пораст од крајот на 2023 година. Клиентите се жалат дека со месеци ги чекале нивните производи и дека услугите за клиентите не биле лесно достапни.

Компанијата е основана во 2013 година и има филијали во Кина, Португалија, Мексико и Филипини. Под брендот Emma Sleep, таа продава душеци и други производи за спална соба кои најчесто се произведуваат во Германија.