– Еколошките прашања спаѓаат во петте главни ризици за глобалната економија во текот на следната деценија, според студијата која денеска ја објавија организаторите на Светскиот економски форум.

Годишната средба на Светскиот економски форум се одржува од 21 до 24 јануари во Давос, Швајцарија.

Повикувајќи се на испитувањето на стотици клучни носители на одлуки, Светскиот економски форум ги потенцира катастрофалните трендови како што е глобалното затоплување и истребувањето на дивиот свет, посочувајќи дека проблемите со животната средина започнале да ја водат водечката улога во меѓународната политика над ризиците како што се кибер напади, рецесија и ширење на нуклеарното оружје, пренесува Бета.

Загриженоста е особено изразена, во време кога се растат меѓународните поделби, кои се рефлектираат во глобални спорови како што е трговската војна меѓу САД и Кина.

-Политичкиот пејзаж се поларизира, нивото на морето се зголемува и избувнуваат пожари поврзани со климата. Оваа година, светските лидери треба да работат со сите сектори на општеството за да го поправат и зајакнат нашиот систем на соработка, не само за краткорочни профити, туку и за решавање на длабоки вкоренети ризици, изјави Борге Бренде, претседател на Светскиот економски форум.

Бренде рече дека светот има една деценија да се избори со итната климатска ситуација.

Организаторите на митингот Давос, во септември и октомври сослушаа 750 деловни лидери и експерти кои следната недела ќе учествуваат на големата годишна средба за Глобалниот извештај за ризикот во 2020 година. Тие ги идентификуваа економските спорови како најголем ризик за глобалната економија оваа година, а кога станува збор за долгорочни ризици, загриженоста за екологијата е наведена во првите пет ризици.

Овие резултати покажуваат дека прашањата од екологијата станаа поважни за јавноста и донесувачите на одлуки, особено во текот на минатата година кога беа истакнати кампањи за животна средина, како што е кампањата на младата шведска активистка Грета Тунберг.

Најголем долгорочен ризик наведен во извештајот е можноста за појава на екстремни временски услови, како што се поплави или невреме. Други ризици вклучуваат несоодветно планирање за климатските промени, еколошки катастрофи како резултат на човечко дејствување, како што се излевање на нафта, голема загуба на биолошката разновидност и природни катастрофи како земјотреси или цунами.