Синдикатот реагира, за сите работници да се исплаќаат трошоци за превоз
Како што информираат од ССМ, како заштитници на правата на работниците, тие од новиот состав на Владата ќе побараат враќање на превозот до и од работното место и хранарината. Според нив логично е да се покрене иницијатива и обичниот работник да зема патни трошоци, а не само пратениците да бидат привилегирани. Револтот доаѓа оттаму е што пратениците наплатиле 1.124.915 евра за патни трошоци од август 2020 година до декември 2023 година, додека во 2022 година за патни трошоци наплатиле 426.360 евра, а лани 366.740 евра.
На социјалните мрежи деновиве врие од реакции на нашите сограѓани, кои се револтирани што пратениците од стариот состав изминативе години земеле огромни средства, кои се бројат во илјадници евра на име на патни трошоци. Наспроти нив обичниот граѓанин од својата минимална плата одвојува десет до 20 отсто за да стигне до своето работно место. Во поддршка на граѓани кои ги немаат овие права се огласи и Сојузот на синдикатите на Македонија кои на својот фејсбук-профил напишаа дека како заштитници на правата на работниците тие од новиот состав на Владата ќе побараат враќање на превозот до и од работното место, како и хранарината што во минатото се исплаќаше дополнително на нето-платата.
-Некои можеби ќе се прашаат зошто бараме враќање на трошоците за превоз до и од работното место. Револтот е што пратениците наплатиле 1.124.915 евра за патни трошоци од август 2020 година до декември 2023 година. Во 2022 година за патни трошоци наплатиле 426.360 евра, а во 2023 година 366.740 евра – велат од Сојузот на синдикати на Македонија и потсетуваат дека работниците трошат до 20% од својата плата за да дојдат на своето работно место и да се вратат дома, но и нешто да поткаснат, скромно некое геврече -реагираат од Синдикатот.
Според Слободан Трендафилов, претседател на ССМ треба да се покрене иницијатива и обичниот работник да земе патни трошоци, а не само пратениците да бидат привилегирани.
-Тоа се нашите барања кои што ги потенциравме и на нашиот првомајски мирен протест. Но за тоа бараме поддршка од целото членство да се покрене оваа иницијатива – вели за весникот ВЕЧЕР, Трендафилов, и дополнува дека Синдикатот секогаш е подготвен за разговори не само на оваа тема и на сите оние што ги засегаат работниците.
На синдикалниот став се нанижа многубројни реакции од работниците на социјалните мрежи и отворено прашаа: Зошто пред десетина година ССМ потпишуваше гранкови колективни договори каде што се кратеа патните трошоци, тоа е спротивно на закон и Општ колективен договор. Од тогаш патните трошоци и хранарината се вклучени во пресметките за платите.
За ова прашање свое правно мислење пред неколку години даде и Врховниот суд на Македонија, на седницата на Одделот за граѓански дела одржала на ден 2 декември 2019 година.
-Вработениот во јавниот сектор, како што се административните службеници, ако се со решение на работодавачот, распоредени надвор од своето место на живеење има право на надомест на трошоци за превоз до и од работно место во случај кога нема организиран превоз, а во висина на најниските реални трошоци, согласно член 21, став 1, алинеја 2 од Општиот колективен договор за службениците во јавниот сектор на Република Македонија – се вели во усвоеното правно мислење на Врховниот суд.
Во образложението на судот се вели дека правното прашање дали на вработените во Јавниот сектор им следуваат трошоци за превоз до и од работа, во случај кога превозот не е организиран од страна на работодавачот, а административниот службеник е упатен заради потреба на работодавецот на работно место надвор од местото на живеење, произлегува од поднесена иницијатива на адвокат и е во согласно со членот 37, став 1, алинеја 1 од Законот за судовите.
-Со оглед дека има спротивставени ставови од страна на судовите при одлучувањето и носењето на судските одлуки, па се јавува потребата од воедначување на судската пракса и обезбедување на единство во примена на законите од страна на судовите. Врховниот суд на Македонија, имајќи ја предвид потребата во судската пракса да се обезбеди единство при примена на законите, смета дека по однос на горенаведеното правно прашање треба да се применат Законот за административните службеници, Законот за работните односи како и одредбите од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија – сметаат врховните судии.
Во согласност со Законот за административните службеници, административниот службеник има право на надоместоци на плата и други надоместоци согласно со овој закон и општите прописи за работни односи и тоа за патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и во странство.
-Во став 3 стои дека Владата поблиску го уредува начинот за распределување на надоместоците. Во согласност со Законот за работните односи, работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работа, а во истиот член е регулирано дека висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надоместокот на овие трошоци се утврдува со закон и Колективен договор. Работникот има право на надомест на трошоците за превоз до и од работа во случаи кога нема организиран превоз во висина на најниските реални трошоци-стои во делот што се применува кај пратениците – објаснуваат судиите.
Според Врховниот суд регулирано е и правото на тужителите за надомест на трошоци за превоз до и од работа во случаи кога нема организиран превоз во висина на најниските реални трошоци. Тоа значи дека пратениците за разлика од работниците не се целосно заштитени за овие свои права.