Американското финансиско регулаторно тело го издаде првото предупредување до банките поради ризиците поврзани со пазарот на криптовалути, објави денеска „Би-Би-Си“.

Надзорните тела ги советуваа финансиските институции да бидат внимателни поради можни измами и правна несигурност.

Во заедничката изјава, Федералните резерви на САД (FED), Федералната корпорација за осигурување на депозити (FDIC) и Канцеларијата на контролорот на валутата (OCC) соопштија дека внимателно ги следат крипто активностите на банкарските организации.

„Настаните од минатата година се обележани со значителна нестабилност и изложеност на ранливости во секторот на крипто-средствата“, се вели во соопштението.

Регулаторите исто така рекоа дека постои голема можност издавањето или чувањето крипто токени, кои се складирани на јавни, децентрализирани мрежи, „не е во согласност со безбедните банкарски практики“.