Министерството за финансии денеска од централниот буџет ја исплати кон Развојната банка втората транша од средствата од унгарскиот заем, наменети за поддршка на домашните компании.

Како што информираа од Министерството за финансии, втората транша е во износ од 4,557 милијарди денари или 74 милиони евра, која се реализира врз основа на доставеното барање од страна на Развојната банка за повлекување средства за проекти што веќе се одобрени од страна на деловните банки.

За поддршка на домашните компании преку унгарскиот заем што го обезбеди Владата по поволни усллови во буџетот за 2025 година се планирани 250 милиони евра. Досега се искористени и префрлени од централниот буџет кон Развојната банка вкупно 84,4 милиони евра.

„Средствата се обезбедени во буџетот. Трансферот се врши согласно договорот со Развојната банка. Компаниите имаат интерес за овие поволни средства за поддршка на нивните проекти. На располагање има се уште над 150 милиони евра“, истакнува во пишана изјава министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Таа потенцира дека ова е значајна мерка на Владата која оди во насока на поддршка на компаниите особено во услови на зголемени ризици на глобално ниво и одржување на економската активност.