Цената на нафтата во понеделникот на меѓународните пазари се доближи до 49 долари, поддржана од страна на честите прекини во снабдувањето од Нигерија и објавата на американската инвестициска банка Голдман Сакс за завршување на периодот на прекумерна понуда.
На лондонскиот пазар цената на суровата нафта се зголеми за еден долар во однос на претходното затворање и изнесуваше 48,83 $. За речиси истиот износ цената на нафтата се зголеми и на пазарот во САД, каде што се тргува по 47.19 $.
Како резултат на саботажа производство во Нигерија се намали на 1,65 милиони барели дневно, што е најниско ниво во последните неколку децении. Овие прекини се надоврзуваат на намаленото производството во Венецуела за најмалку 188.000 барели дневно. Пад има и на американското производство на 8,8 милиони барели дневно, што е за 8,4 проценти под високото ниво забележано во 2015 година.
Вкупната понуда на глобално ниво од различни причини се намали за 3.75 милиони барели дневно, со што речиси се неутрализира вишокот поради кој цената на нафтата од средината на 2014 година падна за 70 проценти.
Во таква средина инвестициската банка Голдман Сакс фундаментално ја промени прогнозата за понудата, откако долго време предупредуваа дека објектите за складирање се исполнети до врв и дека цените може повторно да се намалат и да се спуштат на само 20 долари за барел.
“Пазарот на нафта премина од состојба на речиси комплетен пополнетост на складиштата во надолен тренд многу побрзо отколку што очекувавме. Транзицијата кон недостаток веројатно се случи во мај … поради силната побарувачката, но и поради острото намалување на производството”, се вели во соопштението на Голдман Сакс.