Министерката за животна средина Каја Шукова, во рамки на COP28, се осврна на Инструментот за зелено финансирање (GFF) што се реализира со финансиска поддршка од Заедничкиот фонд за целите за одржлив развој, со чија помош во овие држави се реализираат програми насочени кон одржливиот развој.
– Инструментот за зелено финансирање придонесува за забрзување на напредокот на нашата земја за голем број цели за одржлив развој, особено „зелените“ цели, за прифатлива и чиста енергија, одржливи градови и климатски активности, како и целите за намалена нееднаквост, родова еднаквост и партнерства. Обезбедените 46 милиони долари преку овој Фонд нема да ги покријат сите огромни финансиски потреби за забрзана зелена транзиција на нашата земја – истакна Шукова.
Таа додаде дека, за нас, тоа претставува важен модел на финансиски механизам, бидејќи, според неа, обезбедува остварлива алтернатива за да се стимулира субвенционирањето, покажувајќи како, преку партнерство со семејството на ОН, банкарскиот сектор во земјата и регионалните микрофинансиски институции (MFI), можеме да ги зголемиме нашите досег и влијание.
Шукова ја потенцираше посветеноста на нашата држава кон зелената транзиција и особено забрзаното воведување на обновливите извори на енергија и зголемената енергетска ефикасност.
Инструментот за зелено финансирање обезбедува зголемен пристап до средствата за инвестиции во обновливи извори на енергија и во енергетска ефикасност кај малите и средните претпријатија и кај домаќинствата. Тоа ќе придонесе за намалување на емисиите на стакленички гасови и на загадувањето на воздухот.