Во изминативе две децении најголемиот дел од авганистанскиот буџет го покриваа САД и меѓународни донации. Но, со преземањето на власта од талибанците, сега сето тоа престана.
За да се води земја со големина како Авганистан 1,6 милијарди американски долари се малку. Токму толку имаат на располагање талибанците откако ја земаа власта.
Минатата недела Меѓународниот монетарен фонд донесе одлука Авганистан повеќе да не може да пристапува кон неговите ресурси, вклучувајќи ги и оние 370 милиони кои требаше да пристигнат во земјата кон крајот на месецов.
Администрацијата на Бајден исто така соопшти дека авганистанските средства кои седат во Централната банка на САД нема да бидат достапни за талибанската влада бидејќи после 9/11 талибанците се на црната листа во САД.
Според американските медиуми, но и поранешни авганистански политичари, САД има замрзнато авганистански средства во вредност од околу 9,5 милијарди американски долари.
Еден од најголемите донатори на Авганистан, Германија, ја сопре овогодишната донација од 500 милиони долари. Истото го направија и други. Европската Унија планираше да упати помош од 1,4 милијарди долари во наредните четири години, но сега тие пари ќе ги стави во фонд и во мирување.
Ваквите одлуки не се донесени лесно. Сопирањето на финансиската помош навистина ќе им го отежни владеењето на талибанците, но истовремено сериозно ќе го погоди и цивилното население. Според Меѓународниот комитет за помош, околу 18,4 милиони луѓе имаат потреба од хуманитарна помош.


И ќе станува сѐ потешко. Минатата недела во Авганистан престанаа да функционираат Western Union и MoneyGram, а со тоа се прекина и доводот на пари кон фамилиите кои зависат од финансиска помош праќана од авганистанската дијаспора. Американските банки се на стенд-бај дали можат да соработуваат со авганистанските банки.
Од друга страна, пак, талибанците за фискалната 2020 година наводно донеле 1,6 милијарди долари, според доверлив извор во НАТО. Според таен изветај на ОН, главниот извор на финансии кај талибанците и натаму остануваат криминалните активности како криумчарење дрога, производство на опиум, изнуда, киндапирања за откуп и искористување на рудните богатства.
На годишно ниво, проценките велат дека од дрога талибанците прават 460 милиони профит, додека од руда лани извадиле 440 милиони.
Во регионите под нивна контрола, талибанците веќе вовеле еден вид на данок, кој според некои извори е 10% на жетва и 2,5% на богатство.
Воедно, талибанците и натаму наголемо добиваат финансиски донации од богати индивидуи од државите во регионот, отприлика на годишно ниво околу 240 милиони.