Платата на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изнесува 140 450 денари, односно 2 280 евра, а сите останати министри, меѓу кои и вицепремиерите, земаат 115 540 денари или 1 870 евра плата. Информацијата денеска беше објавена на веб-страницата на Владата во делот – отчетност.

Според табелата прикажана на веб-страницата, единствено во платите се издвојува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кому му следува 20 отсто зголемување поради извршувањето на функцијата. Па неговата плата изнесува приближно колку таа на премиерот, односно 140 405 денари.

„Како дел од заложбите на Владата за поголема дигитална транспарентност, на оваа страница можете да ги проверите висините на платите на претседателот на Владата, замениците на претседателот на Владата и на министрите во Владата. Висината на платата на министрите е јавен податок“, се наведува во објавата на Владата.

Платите на функционерите лани се зголемија за 78%, што предизвика реакции и негодувања во јавноста.

Премиерот Мицкоски во телевизиско гостување минатата недела не кажа конкретно дали ќе иницира намалување на платите на функцинерите, но посочи дека треба да се бара системско решение.

„Треба да се измени законот за платите на функционерите. Минатата влада донесе некакво нивелирање, но треба генерално да се реши проблемот со платите и во јавната администрација и на функционерите, затоа што има институции каде вработени што извршуваат одредени работни задачи имаат двапати поголема плата од вработени на иста задача во друга институција. Треба да имаме правилна распределба. Треба да има намалување кај тие со високи примања, меѓу кои се и функционерите, на сметка на институциите каде има неправилна распределба“, рече Мицкоски.