Две третини од производството е договорно, но многу лесно може да се случи, ако дојдат странските трговци со подобра понуда и со кеш, земјоделската суровина да замине во нивни раце, вели Виктор Петков, претседател на Групацијата за конзервна индустрија при Стопанската комора
Се зголемуваат капацитетите на домашното производство на конзервиран зеленчук и овошје, но преработувачите секоја година се соочуваат со проблем од каде да најдат доволно зеленчук и овошје. Најинтересна е пиперката „куртовска капија“. Годинава, како што велат производителите, првите сознанија се дека ќе има помал род поради временските околности, но дека ќе има поголема побарувачка. Тие велат дека и покрај тоа што имаат договори со земјоделците и две третини од производството е договорно, лесно е да бидат изиграни, односно ако се појави некој купувач од странство со подобра понуда, родот да отиде кај него.
Виктор Петков, претседател на Групацијата за конзервна индустрија при Стопанската комора, вели дека „основните индикатори за преработувачката сезона не се идеални, но многу важно е каква ќе биде побарувачката од странство.“
– Ние сме поврзани со побарувачката во Унгарија, Полска, Русија… Ако се јави „дупка“ кај нив, многу лесно може да ни ја земат суровината за нашата преработувачка индустрија. Ние немаме заштитни механизми, за разлика од Австрија, или други земји што ги имаат за домашната индустрија. Да, имаме договорно производство, но тоа е условено. Ако не функционира правосудниот систем, производителите со кои имаме договорно производство може лесно да се извлечат дека била суша, дека немале доволен род – вели Петков.
Тој потсетува дека извозот на земјоделски производи, дури и за земјоделски производи што би можело да се пласираат кај нас, се смета за добра работа.
– Не е за фалење ако некој дојде од странство и во кеш на земјоделците што имаат склучено договори со нас, им даде повеќе пари и си замине со родот – појаснува Петков.
Освен родот што потфрли поради обемните врнежи, како друга голема закана за сезоната, Петков го наведува недостигот на работна сила.
– Многу е важно да се обезбеди навреме работна сила. На пример, корнишоните влегуваат во прва класа ако се со должина од 3 до 6 сантиметри, ако навреме не се оберат, ќе прераснат и влегуваат во втора класа – вели Петков и иронично забележува дека тоа на нашите преработувачи и им одговара, затоа што првата класа се извезува, а останатото останува за дома.
Но, како што потенцира Петков, многу е важно и навреме да се обере пиперката, затоа што ќе почне да се расипува.
– Ние немаме работна рака, но сепак подобри сме отколку Бугарија, Романија, или Полска. Кај нив во земјоделието е особено нагласен тој проблем. Затоа, се јавија дупки и во однос на потреба од свежо овошје и зеленчук и во однос на преработките. Нашата конзервна индустрија, всушност, ги пополнува дупките во околните и во другите европски земји и поради зголемениот интерес се зголеми и бројот на домашните капацитети, кои главно се извозно ориентирани – појасни Петков.
Извозот на земјоделски преработки во минатата година бил околу 80 милиони евра, а на свежото овошје и зеленчук околу 120 милиони евра.
– Сметам дека ние како земја со толку многу сончеви денови, можеме да направиме многу повеќе. Најмалку треба да го направиме извозот на преработеното и свежото овошје и зеленчук околу 600 милиони евра годишно, а да целиме и кон една милијарда. Јас сум долги години во овој бизнис и јасно ги гледам проблемите што се присутни веќе 30 години и кои не се решаваат. Треба да има окрупнување на земјоделското производство, работна рака, да се обезбеди насекаде систем за наводнување и да се примени науката – вели Петков, кој е сопственик и на компанијата „Випро“, со која почна историјата на домашен ајвар, произведен во индустријата.